Куманово: Ги натовариле возилата со мигранти и тргнале на пат

 

Оделението за прекуграничен криминал и миграција при Регионалниот Центар за граничен реон „Југ“ поднесе кривична пријава против три лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата, трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти“.

Како што соопштија од МВР, завчера  тројцата пријавени Б.Џ.(33), С.А.(40) и Ѓ.Б.(27) по претходен договор прифатиле лица со илегален влез и престој во Република Македонија во близина на село Марвинци со намера да ги превезат до Куманово. Истиот ден во 18 часот и 20 минути од страна на полицаец на регионалниот пат Гевгелија-Скопје пресретнати  се и запрени две  возила “Волво” и “Опел Омега” со скопски регистарски ознаки при што во првото возило управувано од С.А. биле откриени три илегални мигранти од Сирија на возраст од 24 до 27 години, додека во второто возило управувано од Ѓ.Б. биле откриени шест илегални мигранти од Авганистан на возраст од 10 до 31 година. По извесно време поради основи на сомневање дека дел од групата е лицето Б.Џ. кое управувало возило “Опел Вектра” со кумановски регистарски ознаки истиот е запрен и приведен. Б.Џ. имал улога на т.н. претходница, а воедно и превезувал лица илегални мигранти.

Од страна на судија за претходна постапка на пријавените им е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението на МВР.

21.08.2014 - 13:48
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега