Затвор и условна казна за инцидентот во кафулето „Њу Орлеанс“

Основен суд Скопје 1-Скопје денеска им изрече осудителни пресуди на О.Б. и Б.И., двајцата обвинети за делото „насилство“ (за делото „насилство“, член 386 став 3 в.в. со став 1, од КЗ) во врска со настанот што неодамна се случи во кафулето „Њу Орлеанс“ во Стара чаршија. 

Како што се наведува во соопштението од Судот, на денешната главна, јавна и усна расправа од страна на судија поединец, на обвинетиот Б.И. му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во рок од 2 години која нема да се изврши доколку во рок од 5 години, по правосилноста на пресудата, обвинетиот не стори ново кривично дело.

На обвинетиот О.Б., пак, му е изречена казна затвор во траење од една година, за делото „насилство“, член 386 став 3 в.в. со став 1, од КЗ со примена на член 26 од Правилникот за начинот на одмерување на казните, од причина што обвинетиот е досега осудуван за истородно кривично дело, член 384 од КЗ, на кој веќе му била изречена условна осуда која очигледно не влијаела воспитно поправно врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела.

- За двајцата обвинети, судот го имаше предвид  досегашното извршување на овој вид кривични дела, како и зачестената појава која придонесува до нарушување на јавниот ред и мир, а со тоа и на сигурноста и безбедноста на граѓаните на РМ, што предизвикува страв меѓу граѓаните, особено кога кривичното дело се врши во група, стои во соопштението од Основен суд Скопје 1- Скопје.

Со оглед на тоа што спрема обвинетиот О.Б. веќе била определена мерка притвор, судот изрекувајќи казна затвор, а имајќи  предвид дека притворот е определен кога е во прашање кривично дело против јавниот ред, во овој стадиум на постапката судот, се наведува, одлучи да ја продолжи мерката притвор до правосилноста на одлуката, односно најдолго до 60 дена.

22.08.2014 - 13:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега