Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија генерален покровител на Македонскиот куп во далечинско пливање
На 30 август 2014 година (сабота), ќе се одржи втората трка од спортската манифестација „Македонски куп во далечинско пливање“ на Акумулацијата Козјак. Овој Куп во далечинско пливање, чијшто организатор веќе втора година по ред е ЈПУЗПП „ЈАСЕН“, е под генерално покровителство на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија и со активно учество на многу државни и јавни институции.
Освоените резултати на ова натпреварување ќе овозможат постигнување на олимписка норма (на 10.000 м) и учество на македонски претставници на следната Олимпијада во Бразил. Заради поттикнување на пливачкиот спорт во Република Македонија, организаторите вметнаа и дополнителни две трки и тоа на 2.500 метри за деца со наполнети 13 и 14 години и 5.000 метри за младинци со наполнети 17 години. Купот на кој учествуваат повеќе од 60 пријавени пливачи, започна со трката на 17 август на Велешкото езеро кое беше за прв пат вклучено оваа година, и ќе заврши со последната трка на Дојранското езеро на 17 септември.
Официјалното отворање на манифестацијата е предвидено за 10:30 часот, а трките стартуваат од 11:00 (2,5 км), 12:00 (5 км) и 12:30 часот (10 км). За време на траењето на купот предвидени се и други спортски манифестации како промотивни трки со едрилици, регата со кајаци на мирни води, летови со параглајдери и богат културно забавен дел. Победниците на трките во генерален пласман, покрај пехари и одличија, ќе добијат и парична награда која ја обезбедува ЈПУЗПП „ЈАСЕН“.
Минатата година 2013 г. Купот беше успешно реализиран со над 50 пријавени пливачи во сите категории а самата манифестација беше посетена од преку 6.000 гледачи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа