Освен во Скопје Јанакиески вети гасификацијата и на останатите региони

 

Следната недела ќе биде објавен тендерот за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас за останатите два региона во Македонија. Претходно, беше објавен тендер за изградба и на скопскиот регион.  

Тендерот ќе се однесува на регионот кој ги опфаќа Централна и Источна Македонија и предвидената инвестиција за него е околу 28 милиони евра и регионот во кој припаѓаат Западна Македонија и Пелагонија за кого инвестицијата би била 23 милиони евра.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска на прес-конференција информира дека јавниот повик ќе трае 60-тина дена и биде објавен во официјалното гласило на Европската унија, Бирото за јавни набавки и Фајнешл Тајмс, а ќе биде доставен и до економските промотори.

Дистрибутивната мрежа ќе биде изградена со јавно-приватно партнерство, но за разлика од тендерот за скопскиот регион, во јавниот повик за овие два региона условите се намалени со цел да се пријават голем број компании.

- Нашата цел е гасификација на целата држава. Веќе е започната постапката во скопскиот регион кој опфаќа 17 општини и продолжување во останатите 63 општини, односно 37-те општини од Централна и Источна Македонија и 26-те општини од Западна Македонија и пелагонискиот регион, истакна Јанакиески.

Компаниите кои се заинтересирани да учествуваат на тендерот треба да имаат искуство во изградбата и работата со системи за природен гас, системите за гас да имаат најмалку 7.000 корисници, а минималниот годишен приход на компанијата во полседните три години треба да биде 20 милиони евра.

Компаниите кои ќе ги исполнат условите утврдени во тендерот ќе преминат во втората фаза.

Приватниот партнер има обврска во рок од четири години да изгради најмалку 70 проценти од предвидената мрежа при што 51 процент во приоритетните оштини.

Приоритетни општини во Централна и Источна Македонија се Велес, Штип, Радовиш, Кочани, Кавадарци, Гевегелија и Прилеп, а во Западна Македонија и Пелагонија приоритетни се Битола, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Гостивар и Тетово.

Со воведувањето на дистрибутивната мрежа за природен гас, се очекува намалување на трошоците за граѓаните од 25 до 45 проценти без разлика кој енергенс го користат.

29.08.2014 - 13:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега