Се повеќе граѓани ги користат услугите на патниот и авио сообраќај
Повеќе превезени патници во патниот, градско-приградскиот и во воздухопловниот патнички превоз, евидентирал Државниот завод за статистика во второто тримесечје од 2014 година во споредба со истиот период лани. Намалување е регистрирано во железничкиот патнички превоз.
Во вториот квартал од годинава во патниот-патнички превоз се превезени 1.711.000 патници што е за 3,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од 2013.
Зголемување од 5,9 отсто е регистрирано во градско-приградскиот превоз, кој го користеле 22.000.000 патници.
Во воздухопловниот превоз бројот на превезените патници изнесува 349.626, или 26,2 отсто повеќе од лани.
Во железничкиот превоз се превезени 191.000 патници што е за 23,6 отсто помалку од минатата година.
Од ДСЗ информираат дека во истиот период споредено со второто тримесечје од 2013, количеството на превезената стока во товарниот-патен превоз е намалено за 1,6 отсто, во железничкиот превоз за 2,4 отсто, додека во воздухопловниот превоз има зголемување за 15,8 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа