И Хрватска по стапките на Македонија ќе простува долгови

 

Хрватска го копира македонскиот модел за отпис на долгови. Министерката за социјална политика и млади, Миланка Опачиќ, и министерот за финансии Борис Лаловац, седнаа на заедничка маса со хрватските банки и мобилни оператори. Побараа да им ги простат долговите на најсиромашните, кои борчат помалку од 10.000 куни (81.000 денари), кои не ги платиле во период од една година и се под закана за присилна наплата, пишува Лидер.

Министерката порача дека критериумите ќе бидат многу прецизно дефинирани и дека ќе биде елиминиран секој обид за манипулација

-Се разбира дека нема да им ги простиме долговите на оние кои имаат по два или три автомобили. Ние сакаме да им помогнеме само на оние кои едвај ја држат главата над вода, истакна Опачиќ.

Со отписот ќе бидат опфатени социјалните случаи, невработените, пензионерите со ниски примања. Според проценките, ќе бидат опфатени 140 илјади граѓани, а вкупно ќе бидат отпишани околу 500 милиони куни.

-Државата ќе интервенира. Се надевам дека ќе постигнеме договор со доверителите, бидејќи сме многу блиску до такво нешто. Следен чекор е да го потпишеме и конечниот договор, со што ќе покажеме дека нашата држава е социјална. Мерката ќе се однесува на оние луѓе кои не по своја вина се доведени во незавидна ситуација, туку како како резултат на долгогодишната криза,  истакна министерот за финансии, Борис Лаловац.

Хрватската економија шеста година по ред е во рецесија, со ниту еден позитивен квартал.

Црна Гора ги дефинира критериумите за отпис

Последните информации од Црна Гора говорат дека и оваа земја сериозно размислува да го преслика од нас целиот концепт. Од Министерството за финансии за тамошните медиуми изјавуваат дека се отворени, откако ќе направат сериозни анализи за ефектите, да го спроведат отписот со цел заштита на најзагрозените слоеви граѓани.

-Владата на Црна Гора и Министерството за финансии во континуитет превземаат активности за подобрување на материјалната состојба на најранливите категории во општеството. Во таа смисла, ова Министерство е отворено, со претходна детална анализа на сите потенцијални, краткорочни и долгорочни ефекти, да ги разгледа сите начини за поттикнување на социјално загрозените граѓани, вклучувајќи го и моделот кој е имплементиран во регионот, стои во соопштението од Министерството за финансии на Црна Гора.

Македонскиот модел за отпис на долгови сериозно е проучуван и од економистите во регионот. Според Василиј Костиќ од Црна Гора, оваа мерка носи поволни економски ефекти, и на индивидуален и на колективен план, иако во прв ред е социјална мерка. Според него, последиците од оваа мерка ќе бидат позитивни и за државата, и за нејзините граѓани, но и за банките кои би учествувале во овој проект.

-Импликациите од една ваква одлука повеќе се социјални, отколку економски, но не треба да се занемари социјалниот момент. Тој е многу важен за одржување на социјална кохезија на општествената заедница, а таму каде што државата води сметка за социјалната сигурност на своите граѓани, таквата заедница има поголеми шанси за напредок, во однос на оние кои тоа не го прават, изјавил Костиќ за медиумите од Црна Гора.

Македонскиот отпис тече без никакви проблеми

Барањата за отпис на долгови почнаа да се поднесуваат од 18 август. Од Центрите за социјална работа информираат дека се поднесуваат и по 3.000 апликации дневно. Со проектот се опфатени трите најранливи категории граѓани: приматели на социјална и на постојана парична помош, невработени кои повеќе од една година активно бараат работа и лицата изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години. Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки, обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата.

На првиот ден се раскажаа тажни судбини.  Скопјанецот Марјан Станковски 11 години е без работа. Додека бил во активен работен однос земал кредит, но откако останал на улица се нашол во многу непријатна ситуација.

-Имав потрошувачки кредит, кој додека бев вработен редовно си го плаќав. Половина го исплатив, но тогаш останав без работа. Со времето и каматите се зголеми сумата, па сега единствен излез ми претставува отписот на долгови, раскажува Марјан.

Освен Марјан, на ред за отпис чекаат и други луѓе. Бараат да им се простат долговите за струја, РДТ, минусите на кредитните картички. Секој со својата мака.

Конечната бројка, колку граѓани ќе бидат опфатени со проектот и колкава е вкупната сума што ја должат, ќе биде позната откако ќе заврши рокот за поднесување на барањата и проверката што ќе ја направи надлежната комисија. Првичните процени говорат дека со оваа мерка, ќе бидат опфатени меѓу 50 и 100 илјади граѓани.

Во проектот се вклучија сите банки, две штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, МРТ, Топлификација, нотарите и извршителите.

-Банките, ЕВН, Топлификација ќе се откажат целосно од побарувањето, односно од главнината и каматата. Извршителите и нотарите се откажуваат од нивниот дел, а ние ќе им компензираме со 10 проценти, колку што е ослободувањето од данок, бидејќи се работи за лоши пласмани кои тешко се наплатуваат. Најважно е што на граѓаните целосно ќе им биде простен долгот, без никакви ограничувања“ – објасни министерот за финансии Ставрески.

Тој порача дека со ова исполнуваат едно од најголемите предизборни ветувања. Проектот „Еднократен отпис на долгови“ треба целосно да заврши до ноември годинава.

02.09.2014 - 10:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега