Ставрески: Голем интересот за отпис на долговите
Граѓаните имаат голем интерес за отпис на долговите. Заклучно со денешниот ден до центрите за социјални работи се доставени 17.600 барања од граѓаните од социјално ранливи категории. Бараат отпис на долгови кон банките, за струја, парно и радио дифузна такса.
- Значи, имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври до кога трае пријавувањето да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања. Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одѕив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на потпишувањето на договорите со доверителите кои се вклучија во мерката за отпис на долговите.
Тој потенцира дека станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ, како и Комората на извршители и Комората на нотари, обезбедувајќи учество на сите релевантни субјекти за овј проект да биде успешен и да се реализира како што е планирано.
- Со потпишувањето на овие договори сите субјекти покажаа висок степен на општествена одговорност. Со оваа активност ќе им помогнеме на најранливите категории граѓани и од тој аспект сметам дека треба да им искажеме благодарност, но и да потенцираме дека со ова ќе овозможиме и понатаму да им се помогне на граѓаните во поглед на новите сметки за парно, струја и кон банките да можат со помал напор и поредовно да ги сервисираат и да ги вршат плаќањата, истакна Ставрески.
Ги повика сите граѓани кои се опфатени со законот да се пријават во центрите за социјална работа и да поднесат барање за отпис на долговите.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека најголем број барања, 2.700, се поднесени во Куманово, потоа следува Тетово со 1.700, Прилеп со 1.300, Гази Баба и Чаир со над 1.000.... Дневно, како што рече, се поднесуваат од 1.500 до 2.500 барања за отпис на долговите во центрите за социјална работа.
Маја Штериева, претставник од Здружението за банкарство, ја оцени како успешна досегашната соработка и истакна дека банките немаат податоци колкава сума ќе треба да отпишат, но оти се проценува дека не станува збор за износ кој ќе ги наруши билансите на банките.
Игор Гиевски, претседател на УО на ЕВН Македонија, оцени дека со проектот кој помага на најранливите категории ќе придонесат на некој начин граѓаните да ги расчистат обврските и полесно да можат да ја планираат својата потрошувачка.
Според Дејан Бошкоски, генерален директор на ЕЛЕМ, со овој проект ќе се помогне и ќе се заштитат граѓаните, но и на ЕЛЕМ за да ги исчисти билансите.
Зоран Петрески од Комората на извршители го оцени како благороден проект.
Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци и активно бараат работа и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски. Се отпишуваат долгови направени заклучно со 31 декември 2013 година, а првите решенија во втората половина од октомври
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа