Македонија подобра за 10 места во глобалниот извештај за конкурентност
Македонија бележи скок од 10 места во најновиот извештај за конкуреност на Светскиот економски форум. Државата се наоѓа на 63. место и освен Бугарија е најдобро рангирана од сите земји во регионот.
Според извештајот за 2014-2015 , индексот на конкуреност на Македонија изнесува 4,26 на скалата од 1 до 7.
По првпат подобрување има кај сите 12 столбови кои го сочинуват индексот на глобална конкурентост, а евидентно подобрување има во делот на финансиските пазари каде има скок од 21 позиција, кај иновациите каде има подобрување од 18 места и во работата на институциите каде е забележан сокок од 15 места.
- Ова претставува второ значително последователно подобрување на рангирањето на конкуретноста на македонската економија која минатата година се подобри за седум позиции што значи дека за две години Република Македонија го подобри рангирањето за 17 позиции. Ова претставува втор најдобар резултат во Европа помеѓу сите европски држави во последните две години, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека полето на кое ќе треба да се работи во следниот период е привлекувањето на таленти и задржувањето на висококвалификуваните кадри.
- Сите овие фактори ќе бидат детално анализирани на Националниот совет за претприемништво и конкуретност од каде ќе произлезат сет на мерки и сугестии за подобрување кои понатаму ќе бидат предложени до Владата, рече вицепремиерот Пешевски, додавајќи дека во следниот период ќе се продолжи со активностите за подобрување на конкуреноста на македонската економија.
Според Пешевски, Македонија се повеќе се вбројува во најконкуретните држави во Европа.
- Заедно со Бугарија, која е неколку места пред нас, Македонија е подобро рангирана од Албанија, Грција, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, рече Пешевски.
Оцени дека извештајот покажува оти светот закрепнува од економската криза, односно оти САД се повторно на третата позиција, а шест европски држави се на листата меѓу првите 10.
Најконкурентна економија шеста година по ред е Швајцарија, по што следуваат Сингапур, САД, Финска, Германија, Јапонија, Хонг Конг, Холандија, Велика Британија и Шведска.
Извештајот на Светскиот економски форум опфаќа 144 држави и содржи 114 индикатори опфатени во 12 столбови со кои се мери конкуретноста и продуктивноста на една економија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа