Пешевски за убавините на Македонија пред Светската асоцијација за активен туризам
Вицепремиерот Владимир Пешевски оствари средба со претседателот на Светската Асоцијација за Активен Туризам, Крис Дојл како и со дел од учесниците кои беа дел од караванот „Недела на авантури“.
Во состав на делегацијата беа и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, како и Карл Ларкинс, претставник на УСАИД.
На средбата се дискутирало за можностите за соработка со странски туроператори од Северна Америка и Западна Европа и дека овој вид на соработка ќе придонесе за зголемување на бројот на странски туристи кои ја посетуваат Република Македонија како и позиционирање на нашата држава како атрактивна дестинација на светската туристичка мапа.
Вицепремиерот Пешевски ја потенцираше поддршката која Владата на Република Македонија ја дава за унапредување на туризмот, како и мерките преземени за зголемување на туристичкиот промет во нашата држава.
Тој истакна дека согласно целите на Стратегијата на развој на туризмот за привлекување на странски туристи бројот на странските туристи во Македонија изминатите осум години двојно е зголемен, односно за 98%.
Соработката со странските туроператори е од исклучителна важност за нашата земја при изнаоѓањето на нови пазари, можности и потенцијали за промоција и достојно претставување на Република Македонија во областа на туризмот на глобално ниво.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија во соработка со проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Интернационалната Асоцијација за Активен Туризам (Adventure Travel Trade Association - ATTA) организираа „Недела на авантури – Западен Балкан“, каде учество зема група од 26 интернационални медиуми и туроператори.
Целта на овој настан беше презентација на туристичките потенцијали на Република Македонија, како и отворање на нови интернационални пазари за нашата туристичка понуда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа