Македонија има добар имиџ кај инвеститорите

 

Макроекономската политика и добрите услови за водење бизнис се главни предностите на македонската економија во потврдата на кредидниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива. Меѓународната рејтинг агенција, петта година по ред ја потврдува својата оценка за кредитоспособноста на Македонија, пишува Лидер.

Македонија останува со стабилен рејтинг, за разлика од некои земји од соседството.

Потврдата на рејтингот се должи на високиот раст на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал годинава, во голема мера потпомогнат од растот на градежништвото и јавните инвестиции.

“Генерално, капиталните инвестиции вообичаено претставуваат една движечка сила на вкупниот економски растеж во економијата. Јас тука би ги анализирал од два аспекта. Прво, капиталните инвестиции кои се реализираат со средства од буџетот, даваат соодветна мотивација за сите останати домашни и странски инвеститори во смисла дека Владата на државата оценила дека амбиентот за инвестирање е поволен и оди на подобри услови, со оглед на надминувањето на ефектите од светската економска криза. И дека таа веќе влегува во силен екстензивен економски замав, што за другите би требало да биде поттикнувачки мотив. Од друга страна, капиталните инвестиции, особно тие во областа на градежништвото се оние кои би требало да претставуваат локомотива на економскиот растеж затоа што тие ќе бидат во областа на инфраструктурата, хидроцентарли, патна сообраќајна мрежа, железнички сообраќај и така натаму. Тоа ќе ангажира голем број на фирми, голем број на работници што ќе манифестира и зголемување на личната потрошувачка. Сето тоа земено заедно во една верига, би предизвикувало позитивни влијанија врз целината на очекуваниот економски растеж во 2014-та година, вели Томе Неновски, универзитетски професор.

Потврда на стабилниот кредитен рејтинг на Македонија е признание за економските политики

Потврдата на стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија од страна на Фич е навистина големо признание за економските политики и ќе помогне да се задржи добриот имиџ кај инвеститорите, оцени и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Фич ја истакнува и стабилноста на фискалниот сектор, на јавните финансии, ефикасното трошење на средствата во делот на капитални проекти, како и добрата бизнис-клима. Сите тие работи, истакна вицепремиерот Зоран Ставрески се позитивни и потврдуваат дека Македонија здраво ги има поставено основните економски политики и на најдобар можен начин се справува со предизвиците во овие тешки времиња во коишто минуваме во последните неколку години.

- Оваа оценка на Фич ќе помогне да се задржи и добриот имиџ на РМ кај инвеститорите. Инвеститорите внимателно следат што е оценката на Фич, на Стандард и Пурс и на слични агенции и од тој аспект очекувам и натаму ова да стане поттик за нови странски инвестиции, како и можност Република Македонија да добива меѓународни финансиски средства по поволна цена, констатира Ставрески.

Фич прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а забележано е и намалување на невработеноста. Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, агенцијата посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата. Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, нотиран е раст на извозот. За можноста за формирање слободни финансиски зони, Фич наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции.

Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви, забележува агенцијата.

За во иднина, Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и оти најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.

Кредитната агенција Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија. Ова, според Министерството за финансии, е големо признание за економските политики кои ги води Владата, ако се земе предвид дека на многу економии од регионот и пошироко како Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија и други, им е намален кредитниот рејтинг

08.09.2014 - 12:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега