На БиХ и се заканува украинско сценарио?

Оценка е на аналитичарите од БиХ кои оценуваат дека НАТО наскоро може да согледа дека празнините кои во експанзијата кон исток ги остави зад себе, можат да бидат многу проблематични.

Според ставот на професорот за одбрана и безбедност Неџад Ахатовиќ, секоја невралгична точка на Балканот, која не е довршена во територијалната структура на НАТО, многу брзо може да прерасне во кризно жариште.

- Ефектите од руското економско присуство во југоисточна Европа, посебно во Србија, а преку Република Српска и во БиХ, веќе се очигледни, а рускиот претседател Владимир Путин не крие дека има интереси во овој регион – вели Ахатовиќ.

Тој смета и дека по последните настани во Украина и заострувањето на односите меѓу НАТО и Русија, Руската Федерација не беше само дипломатски подготвена да го поддржи отцепувањето на РС од БиХ, а такво сценарио би било поразно за ЕУ и НАТО и најголема закана за мирот и стабилноста на Западен Балкан.

- Стратешкиот интерес на Западот во југоисточна Европа треба да биде забрзан влез на БиХ во НАТО. Тоа би подразбирало и брзи, темелни реформи внатре во БиХ, кои според принципот на одбранбените реформи од 2004 година, силно ги поддржа и Западот – истакна Ахатовиќ за Дојче веле.

Меѓутоа, воено политичкиот аналитичар Ѓуро Козар, не верува дека НАТО поради украинската криза може да го забрза своето ширење на Балканот, бидејќи условите за прием ги исполнува само Црна Гора, а БиХ е на половина пат.

- Бидејќи претседателот на РС Милорад Додик успешно ја опструира државната политика на БиХ, НАТО има голем проблем на Балканот кој мора да го реши. Мислам дека тоа ќе биде тешко, можеби и невозможно, без поактивна улога на САД и БиХ – додаде Козар.

И политичарите во РС се занимаваат со оваа тема па неодамна претседателот на Народното собрание на РС Игор Радојчиќ предупреди дека РС, како и БиХ во целина и Србија можат да се најдат пред многу сериозни политички и економски предизвици, сметајќи дека пред нив се поставува прашање која страна да ја одберат кога се работи за украинската криза, пренесоа Независне новине.

- Западните земји на Балканот сега гледаат поинаку поради кризата и судирите на големите интереси, т.е. како на некое потенцијално ново жариште на кое повторно би се судриле интересите. Во тој контекст треба да се гледаат иницијативите, како што е конференцијата во Берлин, каде се јавува нов ангажман на земјите од Западот, за да го засилат влијанието на Балканот, т.е. некој план на активности на ЕУ и Западот, а во контекст на превенција на влијанијата од друга страна – рече Радојчиќ.

Германија и ЕУ на неодамна одржаната конференција во Берлин најавија посилен, за сега само стопански ангажман во БиХ.

Во фокусот на Северноатлантската воена алијанса моментално е кризата во Украина. 
Во БиХ, моќните западни трупи на ЕУФОР, од почетните 60.000 се сведени на симболичен број, додека улогата на НАТО штабот во Сараево се сведе само на пораката дека НАТО има трајна посветеност на БиХ. 

10.09.2014 - 11:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега