НБРМ: Економијата закрепнува со солидно темпо
Економијата закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки и во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, а досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна.
Ова беше оценето на денешната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во македонската економија и земјите од регионот, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше истакнато дека излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.
- Оцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна и беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25 отсто. Во насока на натамошно канализирање на вишокот ликвидност на банките кон нефинансискиот приватен сектор, Комитетот го ревидираше механизмот за пренос на побарувачката за благајнички записи која е над потенцијалот на банките во друг инструмент (расположливи депозити со рок на достасување од 7 дена), соопшти НБРМ.
Според НБРМ, најновите показатели за економската активност покажуваат дека во согласност со очекувањата, домашната економија продолжува да расте и во текот на вториот квартал, при што кај некои од клучните сектори (индустријата и трговијата) можни се подобри остварувања споредено со првиот квартал.
- Податоците со јули навестуваат задржување на позитивните економски трендови и во текот на третиот квартал. И понатаму се оценува дека динамиката и структурата на економскиот раст нема да предизвикаат поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначително влошување на надворешната позиција, велат од НБРМ.
Најновите податоци за инфлацијата во август 2014 година, додаваат, покажуваат мал месечен пад на општото ниво на цени, за што најголем придонес имаат пониските цени на енергијата. - Во вакви услови, годишната стапка на инфлација во август повторно е умерено негативна и изнесува -0,5 отсто, по регистрираниот благ раст во претходниот месец (0,3 проценти). Инфлациските остварувања со август 2014 година упатија на нешто пониска стапка на инфлација во однос на очекуваната со априлската проекција. Најновите очекувања за увозните цени навестуваат помали притисоци врз инфлацијата од очекуваното, посочуваат од НБРМ.
Пониските појдовни услови и ревизиите на влезните надворешни претпоставки, потенцираат, упатуваат на надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за 2014 година. Од друга страна, присутни се и нагорни ризици околу цените на енергијата и храната (поврзани со геополитичките тензии во Ирак, конфликтот во Украина, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот). Сепак, се оценува дека надолните ризици околу проектираното движење на цените и натаму доминираат во билансот на ризици.
- На почетокот на септември, во однос на крајот на вториот квартал, девизните резерви забележаа раст, во најголем дел како ефект од надворешното задолжување на државата на меѓународниот пазар на капитал, како и повлекувањето средства од Светската банка врз основа на Заемот за развојни политики за конкурентност. Воедно, и со исклучок на ефектот од задолжувањето на државата, девизните резерви бележат умерен раст, што се должи на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на НБРМ со откуп на девизи, велат од централната банка.
Промените на девизните резерви, нагласуваат, се во рамки на проекциите, а показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.
Прелиминарните податоци за август, според НБРМ, укажуваат на солидно темпо на годишен раст на вкупните кредити, при што динамиката на кредитната активност е во согласност со проекциите. Сепак, како и во претходниот месец, и во август е забележано поумерено месечно зголемување. - Во рамки на Анкетата за кредитната активност, спроведена во јули, банките имаат поволни очекувања за третото тримесечје, оценувајќи зголемување и на понудата и на побарувачката на кредити. По умерениот раст во јули, прелиминарните податоци заклучно со август упатуваат на солиден раст на депозитите и намалување на надолното отстапување во однос на проекцијата. Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолните ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, иако помалку нагласени, истакнуваат од НБРМ.
Ликвидноста на банките, додаваат, се зголеми под влијание на автономните фактори, при што банките го пласираа вишокот ликвидни средства во краткорочни финансиски инструменти. На домашните пазари на пари, прометот се задржа на релативно стабилно ниво, при што беше регистрирано зголемено меѓубанкарско тргување преку склучување репо-трансакции. На девизниот пазар, и овој месец, во услови на повисока понуда од побарувачка, Народната банка интервенираше со откуп на девизи од банките поддржувачи.
На глобален план, според оценките на НБРМ, и натаму е присутна дивергентната слика од двете страни на Атлантикот, при што макроекономските индикатори за Соединетите Американски Држави остануваат поволни, наспроти слабата економска активност во евро-зоната.
- Како одговор на слабите економски индикатори и ниската инфлација, на редовниот состанок одржан во септември, Европската централна банка донесе одлука за намалување на каматната стапка на операциите за рефинансирање (од 0,15 на 0,05 отсто), на каматната стапка на кредитите преку ноќ (од 0,40 на 0,30 отсто) и на каматната стапка на депозитите преку ноќ (од -0,10 на -0,20 отсто). Ранливоста на евро-регионот на ниската инфлација и украинската криза и натаму се главните ризици за евро-зоната, потенцираат од НБРМ.
Општо земено, посочуваат, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. - Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Ценовните притисоци се отсутни, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар сугерираат на постабилни очекувања и на можност за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност, прецизираат од НБРМ.
При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. - Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната. Послабите остварувања во евро-зоната во однос на очекуваните ги нагласуваат ризиците околу динамиката на глобалното закрепнување. Како фактор на ризик остануваат и ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и геополитичките тензии во Ирак, оценуваат од НБРМ.
Ризиците од овие случувања, велат од НБРМ, може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување идодаваат дека централната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа