Вардар на гостувањето кај Борац ја оствари третата победа во СЕХА лигата
Шампионот на СЕХА лигата, Вардар синоќа во Бања Лука ја постигна и третата победа во ова натпреварување. Вардарци го совладаа домаќинот Борац со 31:22 (15:9).
Домашните ракометари беа равноправен ривал само во првите 15 минути до резултат – 5:5, а Вардар потоа направи серија од 4:0 за водство и воедно за нова победа. Најефикасен кај Вардар беше Добривое Марковиќ со 7 голови, додека Страхиња Милиќ имаше 15 одбрани.
„Црвено-црните“ на овој натпревар настапија без Арпад Штербик и Блаженко Лацковиќ.
Покрај овој натпревар вчера Раднички и Војводина одиграа нерешено 24:24. Денеска се игра натпреварот Мешков Брест и Нексе.
На чело на табелата се унгарски Веспрем и Вардар со по 9 бодови, додека Металург од два натпревара има три бодови.
Во сабота се игра дерби дуелот на водечките екипи, Вардар ќе гостува кај Веспрем.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа