Професор Неновски предупредува на европската криза која ќе има влијание и на Македонија
Новата економска криза во еврозоната треба будно да се следи затоа што може да претставува закана за македонската економија, вели универзитетскиот професор Томе Неновски во емисијата „Бројки“ на Радио Слободна Македонија. Спoред него, во Македoнија во моментов се случуваат спротивни движеања од тие во Европската унија, пишува Економски.мк.
-Кај нас индустријата расте, бруто домашниот производ во првиот квартал изнесуваше 3,9%. Во вториот очекувам исто така, позитивен раст од околу 3%, јавниот долг е умерен, што го потврди и кредитната агенција Фич, невработеноста се намалува, но тоа не значи дека не сме подлежни на промени. Треба да бидеме свесни дека 90% директно или индиректно Македонија е поврзана со случувањата во Европската Унија. Тоа значи дека таму што се случува или ќе се случува не значи дека во одредени фази или правни форми нема да се појави во економијата на Република Македонија. Ако нарачките од унијата се намалат, не е лесно да се најдат нови пазари . Можно се одредени негативни движења во извозот и увозот. Сепак тоа е претпоставка. Кризата може, но не мора да не погоди, зависи од случувањата на тамошните пазари, објаснува професорот.
Според него, најзагрижувачки во моментов се цените на енергенсите и житариците.
-Кога говорам за енергенсите, мислам на цената на нафтата, а кај житариците, на цената на пченицата и пченката. Цената на нафтата може негативно да се одрази врз стабилноста на девизните резерви . Би требало будно да се следи состојбата на житариците и нафтата на светските берзи, вели Неновски.
Професорот препорачува Владата да ја следи состојбата и да обезбеди алтернативни пазари и резерви на нафта. Во однос на буџетот, тој вели дека Македонија материјално е добро подготвена и може да се справува со последиците од евентуалната криза која би се прелеала тука.
-Материјално сме подготвени, обезбедени се средства за капитални инвестиции, еврообрзницата донесе 500 милиони евра, 2,5 милијарди евра изнесуваат девизните резерви . Со таква обезбеденост на финансиски средства, капиталните инвестиции ќе се реазлизираат, но со забавено темпо. Поголем дел од проектите, како што се изградбата на трите магистрали , сигурно ќе се завршат, можно е само мало пролонгирање. На пример, ако некој проект имал рок да се заврши до крајот на годината, можно е да се пролонгира за два, три месеци, вели Неновски во емисијата „Бројки“ на радио Слободна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа