Наредниот месец уште еден јавен повик за ИПАРД

 

Идниот месец ќе биде објавен јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД Програма за периодот 2007-2013 година, најави Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Финансиските средства се наменети за мерките 101 - Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за постигнување на стандардите на ЕУ, 103 - Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување стандардите на ЕУ и 302 - Диверзификација и развој на руралните економски активности.

Огласот ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавувањето во дневните весници. Потребната документација за подготовка и поднесување барања, вклучително и упатствата за корисниците на ИПАРД средства, ќе бидат ажурирани и објавени на веб страната на Агенцијата во периодот до објавување на Јавниот повик. Подетални информации во врска со типовите инвестиции, критериумите за добивање финансиска поддршка, висината на поддршката по мерки, заинтресираните можат да ги добијат во Агенцијата, Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство и Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството.

Информации за изготвување и доставување на барања, како и бесплатни практични совети за аплицирање, земјоделците можат да добијат во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.

Повикот ќе значи поголем обем на потенцијални корисници, можност за набавка на различна земјоделска механизација, вклучувајќи и трактори, како и зголемени финансиски лимити за крајните корисници на финансиската поддршка.

13.09.2014 - 10:21


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега