Повисоки плати, пензии и социјална помош со буџетот за 2015 година
Поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година предвидува буџетот за 2015 година, кој помина синоќа на владина седница.
Ова денеска на прес-конфернција го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше Предлог буџетот за догодина.
Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти.
Од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.
Буџетот за 2015 година, како што истакна вицепремиерот Ставрески, е во функција на исполнување на приоритетите на оваа Влада, а тоа се поддршка на стопанаството и приватниот сектор опреку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.
Како што посочи Ставрески, предлог-буџетот е резулат на опсежна анализа, каде се земени во предвид два тренда – движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава.
- Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние пак, забележавме висок раст за 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните, изјави Ставрески.
Инаку, Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто.
Вкупните приходи за следната година се проектирани за 5 отсто повисоки од оваа и ќе изнесуваат 163 милијарди и 280 милиони денари, додека расходите се повисоки за 4 проценти и ќе изнесуваат 181 милијарда 777 милиони денари.
За субвенции за земјоделците се предвидени 140 милиони евра, додека за капитални инвестиции 21 милијарда 209 милиони денари.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека и следната година продолжува инвестицсикиот циклус во патната и железничката инфраструктура и издвои неколку побитни проекти како Коридорот 10 за кој ќе се вложат 3,4 милијарди денари и за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари.
За гасификацијата ќе се вложат 258 милиони денари, а за изградба на клинички центри 529 милиони денари. За изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. За изградба и опремување на технолошко-индустриски развојни зони предвидени се 535 милиони денари.
Предлог буџетот утре ќе биде доставен до Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа