Томислав Јотовски поразен во финалето на фјучрсот во Суботица
Томислав Јотовски го загуби финалето на фјучрс турнирот во Суботица со награден фонд од 10.000 долари. Подобар од него денеска беше Дејан Катиќ од Србија со 6:4 и 6:2 во сетови.
Во текот на мечот противникот на Јотовски ги искористи своите брејк шанси (6/6), додека Јотовски имаше половичен ефект (3/6). Последици за Јотовски имаа и претходните два меча, кои ги доби во три сета (Димитар Грабул - четвртфинале и Илија Вучиќ - полуфинале), за разлика од него Катиќ играше многу пократки мечеви и имаше повеќе време за одмор.
Ова за Јотовски беше второто финале во кариерата и двете ги одигра оваа година и во двете загуби.
Македонскиот Дејвис куп репрезентативец за пласманот во финалето ќе освои 10 поени и се очекува да направи скок на АТП листата откако ќе му бидат запишани поените.
Во моментов Јотовски се наоѓа на 628. место и најверојатно ќе биде пласиран под 600 место што ќе биде негов најдобар пласман.
Од понеделник тој ќе настапи на фјучрс турнирот во Ниш, каде покрај него учество обезбеди и Димитар Грабул, додека во квалификациите настапуваат Стефан Мицов, Бесир Дургути и Шендрит Деари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа