Продолжен рокот за поднесување барања за приватизација на земјиште
Рокот за поднесување барања за приватизација на градежно државно земјиште наместо до 13 ноември ќе биде продолжен до 15 декември годинава.
Ова го предвидуваат измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост што денеска го поминаа првото читање на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Според заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини, предложените законски измени се направени во корист на граѓаните кои од низа причини досега не успеале да поднесат барање за приватизација.
- Со ова ќе се овозможи голем број корисници на градежно земјиште кои од разни причини не поднеле барање за приватизација, да имаат уште една можност тоа да го сторат и на тој начин да го остварат своето право на сопственост, истакна Џеладини.
Покрај ова, со измените се предлага правните субјекти на кои во изминатиот период им се доделувани решенија за корисничко право на големи површини земјиште, да го приватизираат само оној дел на кој се наоѓа деловниот објект.
Измените добија поддршка од членовите на Комисијата, кои оценија дека со нив граѓаните ќе имаат поголем бенефит.
На денешната седница беа прифатени и дадени на второ читање и дополнувањата на Законот за продажба на станови во општествена сопственост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа