САД го освоија златото на Светското првенство во кошарка

 

Репрезентацијата на Соединетите Американски Држави ja покажа сета своја сила и со резултат 129:92 во финалето на Светскот првенство во кошарка што се одржуваше во Шпанија, ја декласира репрезентацијата на Србија.

За Американците ова е вкупно петти златен медал на светските првенства, а за првпат успеаја да го одбранат. Тие беа шампиони и во 1954 година, 1986 година, 1994 година и 2010 година. Воедно имаат серија од 19 натпревари без пораз на светските шампионати.

Во финалето нивниот ривал Србија резултатски беше рамноправен само во воведните минути односно кога во 4.минута водеше со 12:5, но по тајм - аутот на американскиот селектор Мајк Кжижевски светските прваци влегоа во ритам и брзо поведоа, а потоа постојано ја зголемуваа разликата. На крајот на првиот период беше 35:21.

Во понатомшниот дел од играта Американците постигнуваа поени, а Србите на моменти со атрактивни потези собираа аплаузи.

Најефикасен на финалето беше Кајри Ирвинг со 26 поени (6/6 за тројка), а Џејмс Харден постигна 23 поени. Кај Американците осум играчи имаа двоцифренброј поени, а само Дерик Роуз не постигна кош. Во редовите на Србија Немања Бјелица и Никола Калиниќ постигнаа по 18 поени.

Во малото финале во саботата Франција ја победи Литванија со 95:93 и го освои првиот медал на светските првенства.

Кајри Ирвинг (САД) е прогласен за најкорисен играч на шампионатот, а покрај него во идеалната петорка се најдоа уште: Милош Теодосиќ (Србија), Никола Батум (Франција), Пау Гасол (Шпанија) и Кенет Фарид (САД).

 

Следното Светско првенство ќе се одржи 2019 година, а дополнително ќе биде одреден домаќинот

15.09.2014 - 13:48


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега