Создавањето добра бизнис клима - приоритет на македонската Влада
Презентирајќи ги поволностите кои Македонија ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија, пред присутните на бизнис форум во Коџаели, Турција, премиерот Никола Груевски истакна дека приоритет на македонската Влада е создавањето на добра бизис килма.
Во своето обраќање пред присутните, Груевски, се задржа на реформите и достигнувањата кои ги има државата а се важни за остварување на економска соработка. Тој посочи дека државата има стабилна макроекономска состојба и стабилен и низок процент на инфлација, што е особено значајно за странските инвеститори.
- Ние сме најмногу фокусирани на создавање на добра бизнис клима и тоа е нашиот приоритет, која ќе ги охрабри домашните компании да направат нови инвестиции и ќе ги привлече странските компании да дојдат во Македонија и таму да ја направат својата нова инвестиција. Во 2006-та година кога дојдовме во Владата, Светската банка ја рангираше Македонија на 94-то место според условите за правење на бизнис, денес сме на 25-то место во светот. Имаме раст на бруто домашниот производ, кој за овој период е највисок во Европа. Во првиот квартал е 3.9%, а во вториот квартал 4.3%. И покрај сериозните предизвици со кој се соочува европската економија ние нашите сили ги насочуваме кон развој на економијата и унапредување на бизнисот и нудење на поволни услови за инвестирање, посочи Груевски.
- Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е меѓу најниските во Европа, додаде Груевски, потенцирајќи дека освен добрите економски параметри и инвестициските поволности се инвестира и во другите области кои се важни за секој инвеститор.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески се задржа подетално на карактеристиките на македонската економија, како и на успешната приказна на повеќе странски инвеститори, кои поради добрите резултати и услови за работа се одлучија да отпочнат со своите втори инвестиции во Република Македонија.
Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски се осврна на поволностите за инвестирање кои ги нудат технолошко- индустриските развојни зони, кои веќе ги користат повеќе големи компании.
Извршниот директор на Турската компанија ОХИ Груп, г-дин Јуксел Ишбилир која минатата недела потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола која ќе вработи 400 работници истакна дека во Република Македонија постојат најдобри услови и околности да се започне со инвестиција.
- Затоа ние одлучивме да инвестираме и основавме компанија во Битола и планираме да започнеме со производство на лепенки за гума и други производи од гума најкасно во октомври, изјави Ишбилир.
Тој испрати и порака до останатите странски инвеститори.
-Мојата порака до останатите странски инвеститори е многу едноставна и јасна, најпрво треба веднаш да ја посетат Македонија и да го стекнат првиот впечаток и ако тие веруваат дека има можности за бизнис и поволни услови за извоз треба да дејствуваат многу брзо, рече Ишбилир.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа