Ставрески: Буџетот останува во зона на финансиска стабилност
Буџетот за 2015-та од денеска е доставен во Собранието на Р.Македонија. Владата проектира раст на економијата до година, понизок буџетски дефицит и инфлација до 2 проценти.
Во вестите на Македонската радио телевизија, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека се направени внимателни пред буџетот да биде донесен на Владина седница.
-Се консултиравме со Народната банка, макроекономскиот сектор во Министерството за финансии и исто така со сите министри. Исто, врз база на случувањата во Европа моравме да бидеме внимателни, а од друга страна да ги имаме предвид и состојбите во македонската економија. Со такви пресметки утврдивме дека можеме да ги зголемиме платите пензиите и социјалната помош и точно во кој период тоа можеме да го направиме. Платите ќе се зголемат сега, во октомври, со што ќе има зголемување за 4%, со тоа што исплатата на октомвриската плата е во ноември, потоа во јуни следната година следува зголемување на социјалната помош од пет проценти, и во септември следната година се зголемуваат пензиите за 5%, рече Ставрески.
Тој потенцираше дека со сите овие зголемувања буџетот ќе остане во зоната на финансиска стабилност, односно проектираниот дефицит нема да биде повисок од 3%.
-Освен поддршката на граѓаните што се прави преку зголемувањето на платите, пензиите и социјалната помош, буџетот има силна развојна компонента, односно одржување на високо ниво на капитални инвестиции. Тоа се покажа како добра политика и во изминатите години, бидејќи го помага градежништвото, индустријата во Република Макеоднија и е основа за резултатите во однос на порастот на бруто- домашниот производ. И следната година ќе имаме реализација на значајни, стратешки инфраструктурни проекти, како што е изградбата на Коридорот 10, автопатот од Демир Капија до Смоквица, реконструкцијата на железничката линија на Коридорот 10, посочи вицепремиерот.
Тој додаде дека ќе се реализираат и проекти во делот на изградба на болници, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, регионалната болница во Штип, во Тетово, во Кичево и други, голем број инфраструктурни инвестиции во образованието, изградба на основни и средни училишта, како и водоводи, канализациии, локални патишта, односно, како што рече, се она што може да помогне за подобар живот на граѓаните во Република македонија, но и за посилно стопанство.
И покрај тоа што многу земји во Европа се соочуваат со криза во своите економии, македонското БДП-то за последниот квартал е 4,3 проценти што според Ставрески е охрабрувачки сигнал.
-Добро би било европската економија да е посилна, меѓутоа она што се случува таму заради политичките тензии во Украина има одраз врз резултатите на европската економија. Ние покажавме дека и во такви околности, со добро поставени политики, со високи капитални инвестиции и привлекување на компании во слободните економски зони коишто извезуваат производи од Република Македонија, можеме да се справиме со тие предизвици и врз таа оснва верувам дека и во следниот период ќе успееме да одржиме високи стапки на економски раст. Вториот квартал од оваа година Република Македонија има втор највисок економски раст во Европа, само Велика Британија има повисока стапка на еконмски раст, што покажува дека имаме поставено здрава основа на економските политики и верувам дека и следната година проектираниот раст од 4 проценти е остварлив, истакна Ставрески, додавајќи дека со тоа ќе се креираат нови работни местаи ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа