Бизнис форум во Анкара: Бизнисмените гледаат огромен потенцијал во Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и членовите на владината делегација, денеска во Анкара, Република Турција присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот во Aнкара се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција, (ТАББ).
-Република Македонија привлече многу компании, а една од тие работи зошто ги привлече е што земјата спроведе еден проект наречен регулаторна гилотина, кој значеше кратење на илјадници бирократски процедури, или нивно целосно бришење, или поевтинување, или комбинација од овие работи. Проектот го работевме со стопанските комори и со околу 300 компании од различни сектори и со различна големина. Како резултат на тоа бирократските процедури кои постоеја во минатото во огромна мера исчезнаа и компаниите се многу покомотни во нивното работење, изјави Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека Македонија за време на светската и европската должничка криза не ги зголеми даноците.
-Делувавме спротивно од останатите држави кои ги зголемуваа даноците, ние ги намалувавме. Тоа се исплатеше. Една од најзначајните работи за Македонија е што сме држава со ниски трошоци за правење на бизнис. Воведовме рамни и ниски даноци. Персоналниот данок на доход во Македонија е 10 проценти, данокот на добивка е исто 10 проценти. Данокот на додадена вредност е 18 проценти, а за некои дејности 5 проценти. Царините и останатите трошоци се намалија, изјави Груевски.
Директорот на компанијата „Мач Груп“, која е компанија од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, г-дин Атај Мач ја објави одлуката на својата компанија за реализација на инвестиција во Република Македонија.
-Ги истражуваме условите за инвестирање во Македонија две години и донесовме заклучок дека тоа е најдоброто место за инвестирање во регионот. Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија. Купивме земјиште и сега планираме да започнеме со изградба на фабрика во Скопје. За понатамошните планови најпрво сакаме да изградиме откупен центар во Скопје и откако ќе го завршиме планираме да инвестираме во земјоделие и во добро земјиште кое ќе ни донесе приноси, изјави Атај Мач.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа