Тасевски: Maкроа ги демнат вашите деца

Колумна на актерот Сашо Тасевски, објавена на порталот „Котле“.

Оваа тема не смее повеќе да се турка под тепих. Од кои причини до сега не е отворена не знам, а требаше. Постојат десетици веродостојни сведоштва за тоа дека, не ретко им се случува на нашите деца кои бараат работа на брод, против своја волја или свесно да се заплеткаат во огромната замрсена мрежа на крузинг-проституцијата. Пловечките бордели се честа појава во територијалните води на Грција, Албанија, Италија и Шпанија. Наши сведоци го потврдуваат тоа и велат, ги пријавувале во полиција своите лоши искуства, како и луѓето кои ги втурнале во таа авантура, но никогаш, ништо конкретно не е откриено и преземено. Адресите на посредниците се покажале како непостоечки, а лицата одамна се воделе како иселени од државава. Со полициски речник, органите на прогонот не можеле да им влезат во траг, а некои од нив воопшто и не постоеле, што значи, имале лажни идентитети.

Како капак на сѐ, деновиве јавноста е наелектризирана по веста за мистериозното исчезнување на една Македонка која работела на руски брод, кој во мигот на нејзиното исчезнување пловел по морето на нашиот јужен сосед. Сакам да верувам дека е сѐ во ред со неа, но веста за нејзиното исчезнување, ме потсети на некои нешта за кои сакав да пишувам уште пред една година.

Нејсе, пред четири-пет години, во многу европски земји, но не и кај нас (иако сме во Европа), како бомба одекна веста дека во Турција е откриена опасна банда која организирала трговија со луѓе и поттикнувала проституција на бродот Саварона, кој во 1938 година бил купен лично за големиот турски реформатор и државник Кемал Ататурк. Набрзо по разоткривањето на злосторничката мрежа, во 2010 година почна и заврши судењето на таа руско-украинско-казахстанската банда која ги организирала оргиите на бродот. Сите беа осудени на високи казни, а бродот беше пренаменет во музеј и исклучен од пловидба.

Три години по оваа вест првпат чув сведоштво за слична перипетија и на други бродови и јахти кои пловат околу Европа и во Медитеранот, во кои активно партиципирале млади луѓе од Македонија,надежни дечки и девојки. Една мома ми раскажа приказна за она што се случувало кога бродот во кој работела се закотвувал во Хамбург (популарно кажано на Dry Dock). Тогаш обично по дваесетина девојки и момчиња од Македонија, Хрватска и Босна директно биле упатувани во квартот на проституцијата Сао Паоло каде веднаш почнувале со учење и примена на најстариот занает на светот. Сведокот потенцираше дека никој од нив насилно не бил одведен таму, но оние кои одбиле да го прават тоа,договорот за работа на бродот никогаш не им бил обновен или биле принудени да го раскинат пред време. Оние пак кои заминале на печалба во квартот Сао Паоло,до ден-денес лажно сведочат пред своите блиски дека работат на брод и одлично заработуваат, иако, за волја на вистината пола од нив се заглавени на најзаебани дроги или пак, се наоѓаат под строг надзор, дури и ако решат еднаш во годината да ги посетат блиските во татковината.

Дечко и девојка од Скопје минале низ слично премрежје. Преку агенција од еден град во близина на Скопје договориле работа на брод. Стигнале во Албанија, во Саранда. Била ноќ и кога влегле во хотелската соба, им дошле двајца типови и им ги побарале пасошите. Сабајлето требало да испловат со бродот на кој им била ветена работа. Дечкото бил присебен и одбил да ги даде. Тие рекле дека ќе го викнат оној кој ги придружувал од Скопје, па да се разберат со него. Штом битангите ја напуштиле собата, девојката од мобилен се јавила дома. Во паника, на мајка си објаснила што се случува. Среќа мајката се познавала со човек кој бил многу важен играч во албанското подземје, а порано биле колеги во Скопје во една сосема легална работа. За помалку од половина час успеала да стапи во контакт со него. Следела молневита акција како во филм. Типот од подземјето таа ноќ упаднал во хотелот со дваесетина свои луѓе, ги построил на сите влезови и излези во хотелот, а потоа побарал од бандата макроа веднаш да ги донесат пред него дечкото и девојката од Скопје. Послушале како попчиња. Истата ноќ вљубениот пар се вратил во Скопје на радост на нивните родители. По три дена кога полицијата го испитала случајот, ни агенцијата-посредник ја нашла, ниту пак ликовите кои наводно работеле во неа.

Наша сосетка од Центар, 24 години,со диплома од економски факултет тргнала за Катар, право на брод, за да ја сликаат за каталог, чунки во фиљан модна-агенција во Скопје, некоја Сара,наводно родум од Сицилија, открила кај неа невиден талент за модни писти и фото-сесии. Ја убедила дека со тој талент ќе направи куп пари во Катар. Нашава сосетка прифатила, дошла во Катар, се качила на бродот и тука почнала драмата.Дошол еден Грк со двајца Арапи и една Швабица, ја внесле во една голема луксузна просторија во бродот каде имало уште триесетина други девојки од тажниот Балкан. Некои од нив биле уплакани. Тогаш сфатила, не е на арно работата. Тука им објасниле на девојките како треба да бидат фини на сесијата со странските фотографи, зашто тоие се сериозни господа, додуша малце во годинки и дека не треба премногу да паничат ако некој од нив ги штипне за газето или нешто слично. По стотина наутички милји минати со бродот, тој застанал на отворено море и оттука девојкиве ги префрлиле на суперлуксузна јахта на некој Амер од Форт Лодердејл. И гледај чудо, на јахтата наместо фотографи имало трули американски и грчки милионери, сите во цветот на староста. Под закани, нашава сосетка наводно имала секс само со еден од нив. Го дружела три дена. На третиот ден на сред секс со него, рикнала да плаче. Среќа старецот се погодил човек во душа и кога сфатил дека таа е со него од страв по својот живот ѝ дал пет илјади долари на рака, средил со капетанот јахтата да сопре на едно пристаниште, изрежирал како нашата сосетка незабележано да ја напушти и штом ја напуштила, веднаш се упатила на најблискиот аеродром, а оттука го фатила првиот авион за Европа и по неполни 24 часа била во Скопје. А од агенцијата и од сицилијанката Сара ни трага ни глас. Никој ни слушнал за нив, ниту пак ги видел.

Ова се вистински човечки судбини, со среќен крај, фала богу. Само работата е што не сме чуле многу за оние другите,а верувајте има и такви. Некој тоа сериозно треба да го истражи, оти мечката веќе ни игра на прагот за многу работи. Сѐ се плашам дека оваа матна работа кај нас е договорена во форма на организиран криминал со крупни заштитени ѕверки во сенка. Затоа тешко ќе биде да се расветли. А дотогаш поучете ги вашите деца да отвораат шеснаесет пара очи кога договараат работа на брод и никогаш да не ги предаваат своите лични документи и пасошите на непознати лица. Нека ви се јавуваат што почесто кога ќе заминат, особено ако нешто или некој им станат премногу сомнителни. Нека ги избегнуваат третолигашките агенции кои нудат работа. И нека ја слушаат сопствената интуиција, наместо гласот на алчноста,оти до лесни пари обично се доаѓа по цена на големи лични трагедии.

автор: Сашо Тасевски

18.09.2014 - 12:09


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега