Отворен првиот центар за дојка во „Аџибадем Систина“

Првиот центар за дојка во кој на едно место пациентите со болести на дојка ќе добијат дијагноза и комплетен третман, е отворен во клиничката болница „Аџибадем Систина“. Со помош на врвната технологија во болницата се дијагностицираат сите болести на дојката, како и карциноми со пречник од 3 до 4 мм.
 
Медицинскиот директор во болницата Љупчо Лековски денеска на прес-конференција рече дека Центарот овозможува во најкус временски период да се направат сите дијагностички постапки и лекувања што е најважниот сегмент во третманот на карциномите.

Со Центарот раководи торако-васкуларниот хирург Митко Караѓозов кој рече дека предноста на Центарот е во можноста во секој момент да ги прифати пациентите со болести на дојката што е особено важно кога станува збор за брзо откривање, хируршко и онколошко лекување на карцином на дојка.

Според светската статистика, ако карциномот навреме се открие и веднаш се спроведе лекување, во 99 отсто од случаите може целосно да се излекува.

Караѓозов потенцира дека онколошкиот третман го спроведува врвен тим онколози, радиотерапевти кои работат според најсовремените протоколи во лекувањето на карциномот на дојката. Радиодијагностичарот Маја Чапова рече дека врвната технологија со која што располагаат е една од главните алки во процесот на дијагностицирање на ракот на дојката.

Онкологот Дева Петрова потенцира дека во Одделот за онкологија и радиотерапија третманот е комплетен (хормонска, хемотерапија и целна  терапија) и нудат радиотераписки третман со моќниот акцелератор Trilogy.

Центарот располага и со тим патолози предводени од д-р Џенгис Јашар кои со помош на софистицирана опрема овозможуваат брзо, точно и навремено изработување на сите испитувања од кои зависи натамошното онколошко лекување.

Центарот нуди можност за естетски третман по хируршката интервенција на дојката и во него пациентите ќе имаат можност да добијат психолошка поддршка.

Претседателот на Здружението „Борка“, Биба Додева истакна дека ако на секои две минути една нова личност е дијагностицирана со оваа болест во светски рамки, тогаш навистина е од големо значење отворањето на еден ваков Центар со мултидисциплинарен пристап на лекување на болеста. 

18.09.2014 - 14:58


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега