Пуштена во оптек кована пара за колекционерски цели „Вага“

 

 

Народната банка на Република Македонија издаде и пушти во оптек кована пара за колекционерски цели „Вага“ од серијата „Хороскопски знаци“. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Вага, пеперутката и вагата) се насликани со злато, а цената на кованата пара изнесува 2.700,00 денари.

- На аверсот на парата е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато, сино, тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем кои покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“, соопшти НБРМ.

Наа реверсот, во центарот на монетата, се додава во сооптението, е прикажана вага со два крака. Едниот тас од вагата е исполнет со монети и е прикажана пеперутка како седи на нив. На местото на другиот тас е вметнато кобалтно стакленце на кое е претставена слика на соѕвездието Вага. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажан симболот на хороскопскиот знак Вага отпечатен на тег и името на хороскопскиот знак на латински јазик.

Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија www.nbrm.mk

19.09.2014 - 13:00


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега