Рекорден број прелети над македонското небо

 

Македонскиот воздушен простор стана атрактивен за авиосообраќај. Службите регистрираат рекорден број прелети над македонското небо. Во 8-те месеци од годинава, од јануари до август, низ нашиот воздушен простор минале 99.231 воздухоплов, што претставува апсолутен рекорд. 90.158 биле прелети, а 9.073 слетувања и полетувања од “Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“. Македонската контрола на летање, според извештаите од Централното биро за наплата на Еуроконтрол, бележи најголем пораст на наплатните единици од прелети од фантастични 30,4%, што не става на прво место од сите земји – членки на Еуроконтрол. Порастот е за 5,5 пати повисок од европскиот просек, пишува Лидер.

Од М-НАВ за Лидер објаснуваат дека зголемувањето се должи на неколку фактори. Прво, отворањето на косовското небо и нормализирањето на воздушните патишта, што придонесе за значително скратување на траекториите на летање, за помала потрошувачка на гориво, намалени емисии на штетни гасови во атмосферата, оптимално искористување на капацитетите. Вториот фактор што влијаел на остварувањето на овој резултат е успешното менаџирање со сообраќајот од страна на македонската контрола на летање. Ангажирани се сите расположливи ресури, биле запазени сите стандарди, а од наша страна, од македонската контрола на летање немало ниту една минута доцнење. Нашите контролори минатата година минаа низ повеќе обуки за да се справат со зголемениот обем на работа, ги зајакнаа врските со колегите од соседните земји и ефикасно одговорија на предизвикот кој воопшто не е лесен. Во моментов, во најоптоварените часови, тие опслужуваат од 55 до 60 летови.

Најмногу работа имале на Илинден. За еден ден биле прифатени 866 авиони, од кои 824 биле прелети, а 42 биле слетувања и полетувања. Најголем дел од нововоспоставените воздушни патишта минуваат над Скопје, при што, само на 2 август, 320 авиони прелетале над нашиот главен град. Гледано по месеци, најголем метеж имало во август. Биле опслужени 21.330 лета, од кои 19.876 биле прелети, а 1.454 слетувања и полетувања од Скопје и Охрид.

Освен Македонија, зголемен сообраќај е регистриран и над небото на соседна Бугарија, а растот од 27,7% се должи на рерутирањата поради ситуацијата во Украина и затворањето на дел од нејзиниот воздушен простор. Солиден раст од 17,8% е регистриран и во Турција. Во другите земји во соседството, регистрирани се зголемувања од 14,9% во БиХ, Србија 4,2%, Грција 3,7%, Албанија 0,6%, Хрватска 2,1%.

Се зголемува и бројот на превезени патници

Во исто време, додека службите регистрираат зголемен обем на сообраќај над македонското небо, расте и бројот на превезени патници од двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Само во јуни, јули и август, за време на летото, низ нив минале 430.367 патници, за 17% повеќе од лани. Од јануари до август, низ македонските аеродроми биле превезени околу 863 илјади патници, со што станува јасно дека и годинава лесно ќе го натфрлиме милионот. Со бројките е задоволен и концесионерот на аеродромите.

“Пред четири години, кога ТАВ ја презеде улогата на концесионер на аеродромите, имавме само 15 дестинации. Оттогаш имаме зголемување за цели 67 проценти на вкупниот сообраќај, од 590 илјади патници на 1.067.000 патници лани. Растот продолжи и годинава“ – објаснува генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Од Македонија најмногу се патува во Истанбул, Виена, Цирих, Лондон, Базел, Малме, а сè поатрактивни стануваат Париз и Дубаи. Новите дестинации отворија повеќе работа и за домашните туристички агенции.

„Голем интерес има за линијата на „Ал Италија“ за Рим, ни се јавуваат многу патници. Продаваме билети и за нискотарифните компании, поради кои се зголеми и бројот на патници и интересот за патување. Сепак, мислам дека туристичките агенции не можат во целост да се потпрат на нискотарифните компании, бидејќи нема доволно конекции со нив до другите држави. Редовните авиопревозници се посигурни за работа, и кога се работи за багажот, за групните цени и слично“ – објаснува генералниот менаџер на туристичката агенција „Џен сет травел“, Дејан Вељанов.

 Граѓаните ги сакаат евтините летови

Нискотарифните компании драстично го зголемија интересот за патување со авион. Лани, од вкупниот број патници, дури 440.127 фатиле евтини летови, што претставува раст од фантастични 240% во однос на претходната година.

Услугите на редовните авиопревозници ги користеле 481.809 патници,  иако, гледано по компанија, нема некој што би му парирал на „Виз Ер“ по бројот на превезени патници. Лидер кај редовните е „Туркиш Ерлајнс“.

22.09.2014 - 10:39


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега