Даночна дисциплина за поздрава економија

 

Од година во година се зголемува даночната дисциплина во Македонија. Државата значително го стесни просторот за оние кои сакаат да го изиграат законот, ја елиминираше нелојалната конкуренција и ја спречи даночната евазија, пишува Лидер.

Годинава беа поднесени над 177 илјади даночни пријави, односно 3.000 повеќе од лани, што укажува дека свеста кај граѓаните за потребата од редовно пријавување и плаќање на даноците е на исклучително високо ниво. Наплатата се движи околу 94%, процент со кој Македонија во овој дел се профилираше како вистински лидер во регионот. Ова е потврдено и во последниот „Дуинг бизнис“ (Doing business) извештај на Светска банка, во кој земјава ја држи 25-та позиција. Во делот посветен на плаќањето даноци, Македонија е на високото 26-то место (во 2013-та бевме и 24-ти),  со признание за спроведените реформи во делот на е-даноци, со кои значително им се олесни работата на компаниите.

-Македонија е земја на ниски даноци. Повеќе од осум години опстојуваме на таа политика на ниски даноци, и покрај ударите на светската и европската должничка криза. Продолжуваме со надградба на системот на е-даноци и тој ќе станува сè побрз и сè поефикасен, објаснува првиот човек на УЈП, Горан Трајковски.

Освен за добрата бизнис – клима, ефикасното собирање на даноци е од круцијално значење за општеството, бидејќи се собираат средства за финансирање на функциите на државата, за задоволување на општите и на заедничките потреби. На овој начин, граѓаните и фирмите придонесуваат за покривање на јавните расходи, одвојувајќи дел од своите приходи и од својот имот. Стапката на Персоналниот данок на доход изнесува 10%, исто како и стапката на Данокот на добивка, додека кај ДДВ-то, општата даночна стапка изнесува 18%, а повластената 5%.

Даноците се ниски, споредено со другите земји, но затоа наплатата и реализацијата се високи. Во 2013-та, вкупните приходи во Буџетот изнесуваа 94% од планираните, што покажува дека граѓаните и фирмите редовно си ги плаќале обврските. Вкупните приходи во Буџетот за 2013-та изнесувале 140.248 милиони денари, од кои преку 120.991 милиони се остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси. Неданочните приходи учествуваа со 8,6%, капиталните со 2,2%, а останатите со 2,9%.

-Од глоби и казни во Буџетот за 2013-та година беа прибрани само 532 милиони  денари или 0,38% од вкупните приходи. Ова особено го потенцирам, бидејќи многу често од страна на опозицијата се експлоатираше тезата дека УЈП и Владата спроведуваат казнена политика, со цел да соберат повеќе од глоби и казни за да се финансира Буџетот. Така беше и во 2011-та и во 2012-та година, рече при поднесувањето на завршната сметка, првиот финансиер Ставрески.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи за годинава се проектирани на 155.554 милиони денари, додека со предложениот Буџет за наредната година, приходите се зацртани на 163.280 милиони денари.

-Приходите на консолидираниот Буџет за 2015-та година се проектирани во услови на задржување на ниски даночни стапки кои придонесуваат за стимулирање на бизнисот, јакнење на даночната дисциплина и спречување на нелојалната конкуренција,  стои во описот на предложената државна каса за наредната година.

Приходите се реализираат со висок процент!

Што велат бројките? Лидер ги анализираше завршните сметки на Буџетите во изминативе неколку години. Заклучивме дека и покрај економската и финансиската криза, скроените државни каси, во голем дел, се реализирале според планираното.

Во 2008-та, биле планирани приходи од 144.706 милиони денари, а се оствариле 136.415 милиони. Во 2009-та, приходната страна била проектирана на 138.459 милиони, а се собрале 128.498 милиони денари. Во 2010-та, биле планирани 138.618 милиони, а се собрале 132.149 милиони. Наредната година, се очекувале 148.408 милиони, а биле инкасирани 137.166 милиони. Во 2012-та се собрале 138.112 милиони, иако се планирало да се приберат приходи во висина од 149.532 милиони. Лидер ја изработи и табелата, која го покажува соодносот меѓу планираните и остварените приходи.

Ѕид на срамот за неплаќачите!

Во државава повеќе нема даночни тајни. Неплаќачите се објавуваат јавно, секој месец, без разлика дали должат по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, за придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. Со ставањето на „Столбот на срамот“, секој може да види кој, колку и за што и должи на државата, мерка донесена во насока на подобрување на даночната дисциплина, која треба да ја заштити државната каса и да спречи даночна евазија.

За да се обезбеди место во ова „непопуларно друштво“, потребно е вкупниот износ на долгот да надминува 2.000 евра кај физичките лица, или 5.000 евра кај компаниите.

На последната листа на должници на УЈП, четврта по ред, објавена на 10 септември, се најдоа 3.831 физичко и правно лице, меѓу кои има и странци.

-На листите има фирми кои може да ги објавувате постојано, и кои ниту платиле, ниту пак ќе платат. Има и фирми кои имаат проблеми со ликвидноста, но кои бараат начин да ги отплатат обврските, објаснува директорот на  УЈП, Трајковски.

Оваа практика на објавување „црна листа“ е присутна и во земјите од регионот и во најразвиените држави, а во Македонија се воведе на барање на бизнис – секторот.

-Објавувањето на даночните должници е во насока на подобрување на деловниот амбиент, сметаат во Сојузот на стопански комори.

23.09.2014 - 09:44


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега