Охридското езеро чисто за капење, водоснабдување, спорт и рекреација

Анализите од Центарот за јавно здравје во Охрид покажаа дека водата во крајбрежниот дел на Охридското Езеро, односно делот кој се користи за капење и рекреазција е од прва класа. 

Физичко - хемиската и микробиолошка анализа била направена од екипа на Центарот пред почетокот на туристичката сезона, поточно во втората половина на мај, каде биле земени 29 примероци на површинската вода од крајбрежниот дел на Езерото од македонска страна., односно од мерни места од Св.Наум до селото Радожда и три примероци од реките што се вливаат  во Езерото, Велгошка, Коселска и Сатеска. 

- Генерално, во мај оваа година водата во крајбрежниот дел, односно делот кој се користи за капење и рекреација на Охридското Езеро, од македонска страна, најповеќе припаѓала на прва класа, односно 90 проценти од анализираните примероци, а од втора класа 10 отсто, соопшти Центарот.

Примероците, земани се во три етапи. Во првата на 21 мај од „Св. Наум” до хотел „Парк”, од 11 мерни места, земени и анализирани биле 11 примероци на површинска вода, каде е констатирано дека сите спаѓаат во прва класа.

Втората етапа била спроведена на 28, од хотел „Даљан” до село Радожда, каде од девет мерни места биле земани примероци, кои според резултатите, спаѓале во прва класа.

Примероци на вода од девет мерни места биле земени и на 29 мај, во третата етапа од контролата на квалитет, од „Роѕал Виењ” до хотел „Магнус“ каде било забележано дека 83 отсто од анализираните примероци спаѓале во прва класа додека 17 проценти или три примероци вода биле од втора класа.

- Според уредбата за класификација на водите, вода од прва класа, во природна состојба со соодветен третман-дезинфекција, може да се користи за водоснабдување, а вода од втора класа за капење, спорт, рекреација и слично. Опасност од оптоварување на екосистемот и органско загадување на езерото од македонска страна постои во крејбрежниот дел од домаќинства кои не се зафатени со колекторскиот систем за пречистување на отпадните води. Се работи за неколку домаќинства на потегот од „Св. Софија“ до „Сараиште“, од село „Пештани“ до „Св. Наум“, кај вливот на река Велгошка и од Струга до село Радожда, се вели во соопштението на Центарот.

Примероците на вода од реките што се вливаат во Охридското Езеро на 28 биле земени од реките Коселска и Сатеска и на 29 Велгошка река, кои според анализите припаѓале на втора класа.

- Обилните врнежи од дожд и зголеменото количество вода во водотеците влијаат за разредување на концентрацијата на загадувачките органски материи кои реките го носат со себе. Во таа насока евидентно е и подобрување на квалитетот на водата во трите реки кои се вливаат во Охридското Езеро, споредено со истиот период минатите години, се вели во информацијата на Центарот за јавно здравје-Охрид.

најчитано сега