Мој термин: Откриени 162-ца доктори „касначи“
Вкупно 162 доктори, 3 пати или повеќе од 3 пати месечно задоцниле подолго од 1 час на првиот закажан преглед во денот. Оваа појава Министерството за здравство ова го увиде со анализа на податоците од системот Мој термин и ќе преземе мерки за спречување на оваа појава.
-Oвие податоци ќе ги доставиме до сите директори на јавните здравствени установи со барање во рок од 3 дена да отпочнат прекршочни постапки за дисциплинска неуредност за секој од докторите. Во рок од 7 дена, директорите треба да не информираат дека е поведена постапка и во кој рок постапката ќе биде завршена, истакна министерот за здравство Никола Тодоров.
Најмногу доцнења има кај докторите од следните специјалности, психијатрија (22 доктори од горенаведените 162), акушерство и гинекологија (15), интерна медицина (14), офталмологија (14), ортопедија (11), педијатрија (11).
Здравствени установи со најмногу доктори кои доцнат се Општата болница Дебар, каде 28% од докторите закасниле повеќе од еден час најмалку 3 пати во месец септември, Универзитетската клиника за неврохирургија со 20% од докторите, Општата болница во Струмица со 19% од докторите кои прегледите ги започнале со закаснување од најмалку еден час.
-Специјалистот по трансфузиона медицина од Крива Паланка е лидер со бројот на закаснувања во месец септември, имено од вкупно 20 дена во амбуланта во месец септевмри, закаснил со преглед повеќе од еден час во 15 дена, односно во 75% од деновите кога е во амбуланта. Слични се примерите и со доктор по оториноларингологија во Завод за Рехабилитација на слух,говор и глас – Скопје, кој задоцнил во 13 дена кога имал амбулантски прегледи, доктор по спортска медицина во Здравствен дом Кавадарци задоцнил во 13 дена, доктор Пнеумофтизиолог во Општата Болница во Куманово кој задоцнил во 12 дена во амбуланта, доктор по оториноларингологија на Универзитетската клиника за уво нос и грло задоцнил во 10 дена кога имал амбулантски прегледи, додаде Тодоров.
-Како што споменав, со доцнењето на првиот закажан преглед во денот (повеќе од еден час), автоматски се поместуваат сите останати закажани термини во текот на денот, а тоа негативно се одразува и врз пациентите кои се оставени да чекаат, и врз ефикасноста на работа на докторот. Покрај тоа, треба да се има предвид дека пациентите многу често земаат отсуство од работното место за да отидат на закажаниот преглед, така што со доцнењето на докторот може да го надминат ограниченото време. Генерално, оваа појава предизвикува девалвација на системот и токму затоа имаме обврска да преземаме мерки да ја спречиме, рече министерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа