„Џонсон Мети“ очекува извоз од 900 милиони евра за 2014 година
„Џонсон Мети“ во Македонија, за 2014 година очекува да оствари извоз од 800 до 900 милиони евра, но не за долго време неговата вредност ќе надмине и една милијарда, вели Роберт Меклауд, главен извршен директор на оваа компанија, кој предводи делегација од членови на Управниот одбор на компанијата со седиште во Велика Британија, во посета на нивната фабрика лоцирана во ТИРЗ Бунарџик- Скопје.
- Работите течат добро, сепак тоа ќе зависи од условите на пазарот. Но, плановите за раст на компанијата се одвиваат според очекувањата, истакна Меклауд на денешната прес-конференција и додаде дека се задоволни од резултатите што ги добиваат од инвестирањето во Македонија.
Во однос на идните бизнис планови на компанијата, Меклауд вели дека тие во голема мера ќе зависат од случувањата на европскиот пазар на автомобили и со законодавството во автомобилската сфера.
- Во моментов пазарот на автомобили работи доста добро, но се очекува нова легислатива и од неа ќе зависи дали и понатаму ќе го прошируваме производството или не. Ако новата легислатива е прифатлива и продолжи растот на пазарот на автомобили тогаш фабриката во Македонија секако е една од клучните опции кои бордот ќе ги разгледа за понатамошни проширувања, рече Меклауд.
Инаку, директорот на Диркцијата на ТИРЗ Виктор Мизо информираше дека, денеска пред претставниците на бордот на Џонсон Мети била одржана и презентација на инвестициските можности на Македонија со оглед дека голем дел од членовите на бордот се неизвршни членови односно не работат директно за Џонсон Мети, туку за други компании.
- Од таа гледна точка многу е важно да се види нивниот потенцијален интерес и компании во кои тие работат за да ја имаат предвид Македонија како потенцијална дестинација за инвестирање.
Високата делегација од Џонсон Мети, во вторникот се сретнала со премиерот Никола Груевски и со други претставници од земјава и задоволни се од бизнис условите како и од поддршката од Дирекцијата за ТИРЗ и од другите владини институции.
-Се запознавме со премиерот, во вторникот на краток состанок, а вечерва ќе се сретнеме со останатите клучни поединци. Многу сме задоволни од соработката со тимот како и од нивото на посветеност.
Задоволни се и од понудата на работната сила. Велат има недостиг во однос на кадри од областа на автоматиката и инжинерството, но со обука луѓето се оспособуваат за потребните вештини.
Во моментов во фабриката во Бунарџик, која е нивна најголема прозводна единица во светот, работат 540 лица, но се очекува до крајот на годината нивната бројка да се зголеми на 650.
Во врска со нивната втора инвестиција, фабриката во изградба во ТИРЗ Штип, работите се одвиваат според планираната динамика и со трошоци под предвидениот буџет.
-Го поминавме целиот ден разгледувајќи ги фабриките и слушајки за тоа како се одвива проширувањето. Се` се одвива во временските рамки со втората инвестиција, но секако сега се уште е во почетната фаза со две дополнителни линии. Првата производна линија е целосно оперативна, а втората е во тек. Се уште немаме се реализирано. Јас би рекол за 6 месеци до една година ќе бидеме спремни со целосниот капацитет. Сега останува да ги разгледаме можностите за унапредување на капацитетите на оваа фабрика. Сето тоа тоа е нормално, мора етапно да се развива и подобрува самата фабрика и производството.
Извозот од ТИРЗ Бунарџик за првите осум месеци изнесуваше околу 760 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа