Чешка и Македонија ги отвораат вратите за бизнис соработка
Премиерите на Македонија и Чешка, Никола Груевски и Бохуслав Соботка, преку бизнис форум во Прага, испратија порака дека вратите за македонско-чешка економска соработка се ширум отворени.
Груевски и Соботка, јави известувачот на МИА, се согласни дека има голем потенцијал за економска соработка во двете насоки. Сметаат дека недвосмислената политичка поддршка за Македонија од Прага, треба да се предочи и во економијата.
Двајцата премиери го отворија Бизнис форумот за трговски и инвестициски можности на чешките компании во Македонија, на кој присуствуваа претставници на повеќе од 50 компании.
- Чешка и Македонија имаат особено пријателски односи кои ни овозможуваат да се посветиме на взаемните економски активности и тоа не само во областа на зголемувањето на стоковната размена, туку и на зголемување на формата на соработката, истакна Соботка, отворајќи го форумот.
Долгорочно гледано, како што рече, за зајакнување на врските меѓу компаниите од двете земји, клучната област-инвестициите е особено важен овој Форум, кој беше организиран при официјалната посета на македонскиот премиер.
- Во последните 10 години прометот на чешко-македонската трговија порасна за 20 пати, а особено е добро што многу чешки фирми се успешни на македонскиот пазар и постои потенцијал за уште поголема взаемна соработка, истакна Соботка.
Според него, взаемната трговска соработка со Македонија е многу динамична не само заради тоа што се зголеми извозот на Чешка, туку и заради увозот во Чешка од Македонија.
- Убеден сум дека чешките фирми можат да успеат во многу области, истакна Соботка, притоа посочувајќи пред се на гасоводната инфраструктура и модернизацијата на сообраќајната мрежа.
Премиерот Груевски во своето обраќање оцени дека Македонија и Чешка имаат традиционално пријателски односи, политичките односи бележат нагорен тренд со континуирани средби на највисоко ниво и трговската соработка исто така бележи континуиран раст.
- Во првата половина на 2014, трговската размена изнесуваше 77,6 милиони долари, а вкупната размена за претходната година изнесуваше околу 120 милиони долари, истакна Груевски додавајќи дека постои простор за натамошно унапредување на економските односи, особено на полето на инвестициите од фирми кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Чешка.
Тој ги информира чешките бизнисмени дека Република Македонија има стабилна политичка и макроекономска состојба. - Имаме инфлација од околу 2 проценти, стабилна валута врзана за еврото и умерен јавен долг од 40 проценти од Бруто домашниот производ, истакна македонскиот премиер.
Груевски го претстави и проектот т.н Регулаторна гилотина со кој се скратени илјадниците бирократски процедури во соработка со стопанските комори и со голем број компании.
- Македонија нуди најдобар даночен пакет во Европа. Имаме ниски и рамни даноци, персоналниот данок на доход е 10 отсто, данокот на профит е исто толку, за една третина ги намаливме придонесите за здравствено, пензиско и социјално осигурување. Десетина сектори на ДДВ ги префрливме од 18 на пет проценти, а континуирано ги намалуваме и царините, истакна Груевски претставувајќи ја Македонија како земја со најниски трошоци за правење бизнис споредено со која било друга држава во Европа.
Покрај даноците, Груевски спомена дека се најмали трошоците и за енергија, логистика и конкурентна цена на работната сила, со особен фокус на земјата на образованието за да се добие што поквалификувана работна сила.
Тој истакна дека Македонија има слободни економски зони, каде инвеститорите имаат специјални погодности, односно во првите десет години не плаќаат ниту персонален данок.
Македонскиот премиер посочи дека во Република Македонија веќе функционираат повеќе странски инвеститори и тие се задоволни од условите за работа и инвестициската клима. - Огромен број компании од други земји во светот ја одбраа Македонија за инвестирање и дел од нив отворија по две фабрики како што се Продис, Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемет Електроникс, Протек Груп од Русија, Технохозе од Италија, Ван Хул од Белгија, Дрекселмајер, Кромберг и Шуберт од Германија како и многу други, изјави Груевски.
Според него, препораките на овие фирми кои се задоволни од функционирањето во Македонија се предизвик и за други нови инвеститори и притоа ги покани чешките компании да ја посетат и да инвестираат во Република Македонија.
Чешкиот бизнисмен Петар Бохати, директор на транспортната фирма Трансис, изрази задоволство од поволната бизнис клима притоа пренесувајќи го свооето искуство на работа во Македонија. - Веќе 20 години мојата фирма е присутна во Македонија, средина која е одлична за работа. Бизнисот во индустријата е многу важен за нас. Сега особено сме заинтересирани за нови вложувања поради поволниот даночен пакет, кој е посебно исплатлив за нас, рече Бохати.
Задоволство од Форумот изразија и членовите на владината делегација, кои остварија голем број поединечни средби со потенцијални инвеститори во Македонија.
- На овој Бизнис форум презентацијата беше малку поинаква од досегашните, бидејќи од страна на организаторите имаше презентација и на чешки компании кои би сакале да инвестираат или да бараат партнери во Република Македонија, изјави заменик министерот за економија, Христијан Делев.
Тој додаде дека биле презентирани можностите на Македонија како бизнис дестинација, од даночните олеснувања па се до технолошко-индустриските развојни зони, но и надвор од нив. - Најавени се неколку посети од компании кои изразија интерес за организирање производство во делот на енергетиката и електрониката, рече Делев.
Заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шеќеровски оцени дека освен презентацијата на поволната бизнис клима, Агенцијата за странски инвестиции се претставила како партнер на сите заинтересирани фирми за сите фази од нивното доаѓање и соработка во нашата земја, како и поддршка за време на инвестицискиот процес и поддршка по завршувањето на сите процеси.
Форумот се организираше во соработка со Конфедерацијата за индустрија и сообраќај на Чешката Република и чешкото Министерство за индустрија и трговија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа