ФОТО: Иванов го прими Извештајот од Орав

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија. На средбата, амбасадорот Орав на претседателот Иванов му го врачи Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2014 година и го информираше за клучните оценки содржани во извештајот, подготвен од Европската комисија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од потврдената препорака за подготвеноста на Република Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, додавајќи дека Извештајот на Европската комисија и оваа година дава објективна слика на сето она што е сработено и постигнато во земјата, како и насоки за предизвиците на кои во наредниот период треба да се посвети нашата држава.

Амбасадорот Орав изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Претседателот Иванов подвлече дека европската интеграција е наша стратешка цел и дека е потребно Република Македонија да го добие заслуженото - да ги почне долго очекуваните преговори кои ќе дадат дополнителен стимул за да се забрзаат реформските процеси во земјата. Македонскиот претседател изрази надеж дека на следниот Европски совет членките на ЕУ позитивно ќе одговорат на препораката од ЕК.

EK02-500

-Моменталната статус кво состојба со македонските евроатлантски интеграции, за која многупати до сега укажував, во голема мера придонесе за наведените оценки во Извештајот на Европската комисија. Република Македонија е прва земја од регионот што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, од 2005 година е кандидат за членство, а од 2009 година комисијата дава препораки за почеток на пристапните преговори. Сметам дека Европскиот совет конечно треба да ги согледа последиците од предолгото чекање и да даде зелено светло за датум за почнување на преговорите, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека сите политички и општествени фактори во земјава е неопходно да се фокусираат кон вложување на дополнителни напори со цел оставарување на реформската агенда.

-Сите заедно, посветено и одговорно да работиме за остварување на нашите стратешки цели. Без оглед на забелешките нотирани во извештајот, наша примарна цел секогаш треба да биде напредокот на Република Македонија, рече претседателот Иванов.

08.10.2014 - 19:51


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега