ММФ: Македонската економија со најголем раст во регионот

 

Економијата на Македонија годинава и наредната 2015-та, според последната прогноза на Меѓународниот монетарен фонд, ќе има најголем раст во регионот. Во последниот извештај, ММФ предвидува македонската економија годинава да порасне за 3,4 проценти, а следната за 3,6 отсто.

Според извештајот, инфлацијата годинава ќе изнесува 0,6 отсто и 2,3 отсто во наредната.  Дефицитот  на тековната сметка  е проектиран на 4,6 отсто и 5,7 отсто во 2015.

Растот на БДП во Црна Гора според прогнозите ќе биде 2,3 проценти за оваа и 3,4 отсто за наредната година, во Албанија 2,1 отсто годинава и 3,3 отсто во 2015 година и во БиХ  0,7 отсто за оваа и 3,5 отсто за догодина. За Хрватска и Србија се предвидува рецесија. 

ММФ пред годишниот состанок со Светска банка во Вашингтон ја намали прогнозата на растот за светската економија и се очекува раст на БДП  да биде 3,3 проценти за оваа и 3,8 отсто наредната година. 

Меѓународниот монетарен фонд двапати во годината објавува редовни прогнози за глобалната економија, на пролет и на есен. Од финансиската криза во 2008 година објавува и ажурирани меѓупрогнози за водечките економии и регионите во светот.

09.10.2014 - 11:03


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега