Вујо го пречекува Червар: Имаме срце како автобус и мадиња како црквени ѕвона!

 

Ракометарите на ППД Загреб во третото коло на Лигата на шампиони ќе се сретнат со Металург, што ќе биде уште еден дуел меѓу тренерите Веселин Вујовиќ и Лино Червар, кои добро се познаваат од своето ривалство во Македонија.

В сабота во 18 часот во загребската „Арена“, домаќините ќе се обидат да продолжат со изненадувањата и по скалпот на Кил да го освојат и оној на македонскиот шампион. Двата бода на оваа средба се сон за двете страни, бидејќи можат да се покажат како клучни за пласман меѓу најдобрите 16 тимови во Европа.

- Мораме да признаеме дека оваа исклучително важна и тешка средба ни доаѓа во незгоден момент. Променливото време доведе до тоа неколку играчи да се жалат на настинка или вироза, а имаме и двајца повредени играчи. Тоа се Јосип Валчиќ кој не тренирал од мечот со ПСЖ, како и Марио Вуглач кој има повреди на двата скочни зглоба,- изјавил стратегот на ППД Загреб. - Ние мора да направиме се за да го добиеме овој меч, бидејќи за прв пат во овие три кола имаме улога на фаворит. Свесни сме дека тоа може да биде тег за нашата млада екипа наспроти поискусниот Металург, но на нас е да се носиме со тоа и да освоиме два нови бода. Без оглед на проблемите со кои во моментов се соочува Лино Червар, тој има добар состав, исклучително моќен во натпреварувачка смисла, бидејќи се добро вкомпонирани и нема да ни биде нималку лесно да стигнеме до победата против таков квалитетен тим. Можеби немаме големи имиња или ракометни ѕвезди, но имаме дваесетина мали ѕзвездички кои еден ден ќе засјаат на ракометното небо на Европа. Она што во моментов им го нудиме на навивачите е срце големо како автобус и мадиња како црквени ѕвона,- заклучил Вујовиќ во својот препознатлив стил.

Домаќините прогласија дека билетите за овој меч ќе бидат бесплатни и ја повикаа публиката да дојде во што поголем број за да направат спектакл.

09.10.2014 - 13:57


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега