Владата ја пролонгира либерализацијата на струја за да го заштити стандардот на домаќинствата
Владата одлучи да ја одложи целосната либерализација на пазарот за електрична енергија предвидена за 1 јануари 2015 година и либерализацијата да ја спроведе во пет фази, почнувајќи од 1 јули 2016 заклучно со 1 јули 2020 година кога пазарот ќе се либерализира и за домаќинствата, пренесува МИА.
Одлуката, како што информира на денешната прес-конференција во Владата министерот за економија Беким Незири, е донесена по спроведени низа анализи и пресметки кои покажале дека доколку либерализацијата започне на 1 јануари 2015 година струјата за домаќинствата ќе поскапи од 17,7 до 20 отсто.
- Поради овие причини Владата реши да направи измени во Законот за енергетика и на Собранието му достави Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика со кој се предвидува либерализација на пазарот на електрична енергија да се направи во две етапи. Првата етапа ќе биде пролонгирање на либерализацијата на електричната енергија од 1 јануари 2015 до 1 јули 2016 година. Втората етапа ќе почне да се имплементира од 1 јули 2016 и ќе се спроведува во пет фази. Во првата фаза на 1 јули 2016 година со својство квалификуван потрошувач ќе се стекнат потрошувачите кои во 2015 година имаат остварено вкупна потрошувачка на електрична енергија од над 1.000 мегават-часови. Во таа категорија спаѓаат околу 100 потрошувачи со вкупна очекувана потрошувачка од 300 гигават-часови електрична енергија, рече Незири.
Втората фаза, појасни, ќе почне на 1 јули 2017 година кога квалификувани потрошувачи ќе станат компаниите со остварена вкупна потрошувачка од над 500 мегавати во 2016 година, односно околу 150 потрошувачи со очекувана потрошувачка од 300 гигават-часови годишно. На 1 јули 2018 година квалификувани ќе станат потрошувачите со остварена потрошувачка на електрична енергија од над 100 мегават-часови во 2017 година или 900 потрошувачи со очекувана годишна потрошувачка од 300 гигават-часови. Четвртата фаза ќе почне на 1 јули 2019 година кога квалификувани потрошувачи ќе станат потрошувачите со потрошувачка од над 25 мегават-часови во 2018 година, поточно околу 3.500 потрошувачи со очекувана годишна потрошувачка од 300 гигават-часови и последната петта фаза ќе почне на 1 јули 2020 година и во неа пазарот ќе се либерализира за останатите 65 мали потрошувачи и околу 600.000 домаќинства со вкупна годишна потрошувачка од околу 3.200 гигават-часови.
Министерот Незири истакна дека заклучно со април 2014 година е либерализиран околу 44 отсто од пазарот на електрична енергија во Македонија со што земјава е лидер во регионот. Најблиску до нас е Црна Гора со 24 отсто либерализација на пазарот, а потоа следат Албанија со 13 отсто, Србија и БиХ со по осум отсто, Молдавија со три отсто, а во Украина и Косово воопшто не е либерализиран пазарот.
Одговарајќи на прашање министерот Незири рече дека не очекува проблемот со ЕУ заради одлагањето на либерализацијата на пазарот на електрична енергија токму заради, како што кажа, фактот дека и во овој момент Македонија е лидер во либерализацијата на пазарот во поширокиот регион.
Прашан како ќе реагираат снабдувачите кои веќе склучија договори со компаниите кои од 1 јануари требаше да излезат на слободниот пазар, Незири рече дека единствено се воделе од намерата да го заштитат стадардот на домаќинствата, бидејќи анализите покажале дека доколку се дозволи либерализација на пазарот во овој момент, цената на електричната енергија за домаќинствата ќе порасне за најмалку 17,7 до 20 отсто.
- Кај нас цената на електрична енергија има една социјална нота бидејќи компаниите плаќаат малку поскапа, а граѓаните малку поевтина електрична енергија. Нас ни е пред се важно да ги заштитиме граѓаните од евентуален ценовен шок, рече Незири.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа