Сер Алекс Фергусон задоволен од потезите на Луј ван Гал
Легендата на Манчестер Јунајтед Сер Алекс Фергусон го пофали актуелниот тренер на клубот Луј Ван Гал потенцирајќи дека е задоволен од работата на Холанѓанецот и неговите потези поврзани со трансфер политиката.
- Ван Гал направи неколку промени во екипата. Неговите потези беа правилни. Беше потребно да го прочисти составот и да создаде сопствен тим. Има искуство за големи резови. Резултатите од неговата работа ќе се видат наскоро, изјави, Фергусон.
Менаџерот на Манчестер во летниот преоден рок се ослободи од дури 14 фудбалери, а ангажира шест за кои потроши 180 милиони фунти.
Во изјава за англиските медиуми Фергусон не пропушти да каже дека му недостасува тренерската работа, но нагласи дека се пензионирал во вистински момент.
- Мината година првпат бев на одмор во декември и додека се одморавме со сопругата крај базенот во Абу Даби и реков дека би требало да сум во тренинг центарот на Манчестер Јунајтед. Ми фали работата со фудбалерите, но не жалам за одлуката да ја завршам тренерската кариера, потенцира поранешниот менаџер на „црвените ѓаволи“.
Шкотланѓанецот на тренерската функција во Манчестер Јунајтед беше 27 години, а под негово водство клубот од „Олд Трафорд“ успеа да освои 39 трофеи во разни натпреварувања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа