Зголемена безбедноста во сообраќајот кај железничкиот премин кај Усје

Градот Скопје од денеска воведува нов сообраќаен режим на булеварот „Борис Трајковски“, на преминот преку железничката пруга кај  населбата Усје каде што е поставена нова патна и железничка сигнализација.

На денешната презентација на новата сигнализација која ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот преку железничката пруга присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, директорот на Македонски железници-Инфраструктура Ирфан Асани и градоначалникот на општината Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.

- Го промовираме новиот систем за регулирање на патниот и железничкиот сообраќај на булеварот „Борис Трајковски“. Вградувањето на овој систем е резултат на добрата соработка на Градот Скопје со Македонски железници-Инфраструктура, Македонски железници-Транспорт и Цементарницата „Усје“. На терен, во изминатиов период беа поставени светлосни сообраќајни знаци за означување премин на патот преку железничка пруга во ниво и полубраници за затворање на сообраќајот на преминот преку железничката пруга во ниво, изјави градоначалникот Трајановски .

Претходно овој премин беше регулиран физички, со знаменца, а сега преминот е обезбеден со рампи и целосна сигнализација со што, како што рече, во голема мера  ќе  се зголеми безбедноста во сообраќајот.

За воведување на новиот сообраќаен режим на булеварот Борис Трајковски, Градот Скопје изработи сообраќаен проект за којшто има добиено согласност од Министерството за внатрешни работи за утврдување на овој режим на сообраќај.

- Ова е еден од најсложените системи за регулирање на сообраќајот во нашава земја, со оглед на тоа што овој премин е единствениот каде што железничка пруга поминува низ крстосница регулирана со семафори. Настојуваме оваа крстосница да стане дел и од Центарот за управување и контрола на сообраќајот за да се овозможи дополнителна контрола и мониторинг, истакна Трајановски.

Директорот на МЖ – Инфраструктура, Ирфан Асани истакна дека овој проект е дел од низата успешни проекти за подобрување на железничкиот сообраќај и за зголемување на безбедноста на железничките премини.

- Овој нов систем што е финансиран главно од Градот Скопје и од Цементарницата „Усје“ треба да биде пример како се решава сообраќајот кога индустриски колосеци се вкрстуваат со сообраќајници, а којшто треба да го следат и другите правни субјекти, рече Асани.

Градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ се заблагодари на Градот Скопје, Цементарницата „Усје“ и на Македонски железници за успешно реализираниот проект, а упати и благодарност до жителите на село Усје за покажаното трпение додека се работеше на терен.

На терен работеа екипи од ЈП „Улици и патишта“, Цементарница „Усје“ и од Македонски железници. 

14.10.2014 - 13:47


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега