Краделе дрва - кривична за тројца крушевчани

Крушевската полициска станица на тројца жители од крушевското село Борино им поднесе кривични пријави за пустошење на шуми и за кражба.
 
Жителите на крушевското село Борино со иницијали А.И. и И.А, и двајцата на возраст од 48 години и Х.И на 47-годишна возраст се осомничени за пустошење на шуми, а првите двајца и за кражба.
 
Како што информира портпаролот на СВР Битола Магдалена Димитриовска, на 17 септември годинава изутрината во 5.40 часот на местото викано „Житошанец“ во близина на селото Борино во шума со која стопанисува ЈП „Македонски шуми“ полицијата од Крушево ги затекнала двајцата 48 годишни жители на селото како ја пустошат шумата. Со моторна пила сечеле зелени букови дрвја од корен, ги сечеле на трупци од еден метар и ги товареле на приколка од трактор. Во приколката веќе имало 2,10 кубни метри буково дрво.
 
Истиот ден, еден час подоцна, на друга локација во истата месност „Житошанец“, полицијата го затекнала третиот осомничен, 47 годишникот со иницијали Х.И. кој со моторна пила бесправно сечел букови дрвја. На местото на настанот се пронајдени поголем број сечени букови стебла со различна дебелина и трактор.
 
Полицијата им ги запленила: моторните пили марка „STIHL“, тракторот марка „Фиат“, самоделската приколка за трактор и 2,10 кубни метри буково зелено огревно дрво.
 
На местото на настанот излегол државен инспектор за шумство и ловство заедно со шумската полиција. Констатирано е дека на двете места е извршено пустошење на шуми во големи размери и му е нанесена немерлива штета на екосистемот. Според надзорот на лице место имало сечени букови стебла од најмалку 300 кубни метри дрва.
16.10.2014 - 11:11


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа