Кои се компаниите кои најавија голема инвестиција во прилепско?

Ирската компанија Етанол Јуроп Рињуабл и американската ДуПонт наскоро ќе почнат со изградба на најсовремена фабрика за производство на целулозен етанол во Прилепскиот регион. Ова го предвидува Меморандумот за соработка што вчера го потпишаа министерот за странски инвестиции Бил Павлески со претседателот на Етанол Јуроп Рињуабл, Марк Тарли и директорот на ДуПонт, Јан Конинг, чија цел е да овозможи олеснување на развојот на нивниот проект.

Американската DuPont е компанија којашто има искуство од над 200 години во најразлични индустрии и во повеќе од 90 земји ширум светот. Тие на глобалниот пазар пазарот ја донесоа светски познатата наука и инженерство преку иновативни производи, материјали и услуги.

Секоја година тие претставуваат илјадници нови производи и патентирани производи, кои се користат во земјоделството, исхраната, електрониката и комуникацијата, безбедноста и заштитата, домот и градежништвото, транспортот и конфекцијата. DuPont со гордост создава нови партнерства, со кои се обидува да ги реши најголемите предизвици на денешнината.

Тие имаат за цел да обезбедат доволно здрава храна за луѓето во светот, да се намали зависноста од фосилните горива и да ги заштитат луѓето и околината и во следните генерации. Вработените во оваа компанија се трудат да придонесат во своите заедници ширум светот.

DuPont има добиено бројни награди и признанија за својата работа ширум светот, а се наоѓаат и на листата на 50 најценети компании во светот. Исто така тие се наоѓаат и на листата на 27 компании кои го сменија светот, на листата на топ 100 места за мајки со кариера, на листата на 100 најиновативни компании, како и на многу други.

Компанијата во 2013 година беше прогласена како најдобро место за работа од страна на The scientist.

Директорот на ДуПонт, Јан Конинг вчера  рече дека во моментов градат фабрика за целулоза и етанол во САД која ќе служи како пример за фабриката што треба да се гради во Прилепско.

- Исто како со проектот што го градиме во САД гледаме големи придобивки и од проектот во Прилеп за земјоделците и за заедницата. ДуПонт е лидер во земјоделството и добрата на земјоделскиот сектор во целиот свет се многу важни за нас, рече Конинг.

Ethanol Europe Renewables Limited е компанија којашто годишно користи околу 650.000 тони пченка, од која произведува и до 280 милиони литри етанол.

Исто така, произведуваат и 160.000 тони високопротеинска сточна храна, 5.000 тони масло од пченка.

Компанијата користи затворен систем за производство, со што се намалува количината на отпаден материјал, а се прочистува водата и повторно се употребува за производство.Компанијата производители кои произведуваат еколошки етанол.

- Етанолот е и една од најдобрите можности кои ни се на располагање за да се вратат повторно во живот европските помалку населени рурални области и да се создаде рурален развој кој е одржлив. „Пелагонија етанол проектот“ ќе одгледува растенија за производство на енергија, како и прехранбени растенија на површина од околу 20 илјади хектари  на напуштено и деградирано земјиште во Пелагонија и Мариово, рече Марк Тарли и додаде дека растенијата кои ќе се одгледуваат ќе го започнат процесот на претворање на напуштеното земјиште во продуктивен дел во македонската економија.

Проектот во прилепско предвидува изградба на современа биорафинерија со капацитет од 100 милиони литри, а производството ќе биде наменето за светскиот пазар. Вкупната инвестиција за период од пет години ќе изнесува над 250 милиони евра и ќе се креираат 1.000 директни вработувања. Градбата на фабриката би започнала во 2016 и би траела две години.

Фабриката за етанол ќе значи ревитализација и целосно заживување на Мариовскиот регион кој години наназад беше целосно запуштен и замрен, бидејќи  инвеститорите ќе одгледуваат култури за производство на етанол на запуштено земјоделско земјиште во Прилепско.

Преговорите за изградба на фабриката во Прилепско со Владата и општина Прилеп траеле повеќе од две години.Инвеститорите нагласија дека етанолот направен од растителни извори е најзначајна замена за фосилните горива кои се употребуваат во автомобилите и домовите.

Курир

17.10.2014 - 15:30


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега