Трки на скопските булевари- нови детали за страшната сообраќајка во Аеродром

Младите беснеат по скопските булевари по полноќ. Адреналин, брзина и скапо возило се најчесто мотивите за нелегалните трки кои се плаќаат и со живот. Полицијата по поплаки на граѓаните ги откри најчестите локации. Синоќа на една од нив, на булеварот Јане Сандански имаше тешка сообраќајна несреќа во која за среќа немаше мртви.

Скршени бетонски столпчиња, искривена бандера, остатоци од ауди- трагите од тешката сообраќајна несреќа која синоќа околу 1 часот по полноќ се одигра на булеварите Јане Сандански и Кузман Јосифовски Питу уште стоеја на и покрај коловозот. Во сударот покрај целосно уништеното ауди учествувало и возило опел, за среќа тројцата патници во смачканото ауди минале со полесни повреди, објавува Канал 5.

-По несреќата се слушна силен тресок, а аудито буквално било исправено и слепено со бандерата. Неколкумина минувачи помогнаа и го вратија возилото во хоризонтална положба, а од автомобилот ги извадија 20-годишниот возач на ауди, и двете сопатнички кои се на возраст од само 16 и 18 години. Полицијата изврши увид и проверува поради што се случила несреќата. Имаше шпекулации дека двете возила се тркале по булеварите во Аеродром. Токму булеварот Јане Сандански е посочен како една од локациите каде младите возачи импровизираат улични трки, вели и министерката Јанкуловска за телевизијата.

И граѓаните од Аеродром велат дека низ широките булевари особено кај Ново Лисиче има трки особено во летниот период. Се бара и поголема полициска активност за брзите и гласни возачи.

Јанкуловска оцени дека по поплаките на граѓаните со полициска интервенција е подобрена состојбата на критичните точки и во Аеродром но и низ други делови на Скопје.

19.10.2014 - 15:24


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа