„Херитиџ“: Економската слобода во Македонија подобра од лани

Македонија се најде на 43-то место од вкупно 186 земји во извештајот за Индексот на економската слобода на фондацијата Херитиџ во Вашингтон. Македонија бележи подобрување од минатата година, иако остана на 43-то место. Зад Македонија се најдоа Албанија на 51, Бугарија на 61, Црна Гора на 68, Словенија на 74, Хрватска на 87, Србија на 95, БиХ на 101 и Грција на 119-то место, јавува дописникот на МРТВ од Вашингтон.

„Македонија е на добар пат, ја подобри регулаторната ефикасност и зацврстувањето на владеењето на правото. Исто така знаеме дека луѓето особено младите сакаат да има подинамичен пазар на трудот. Реформата на пазарот на трудот и континуирано подобрување на политиката на отворен пазар, ќе биде многу корисно за македонската економија“, вели Ентони Ким, екперт од фондацијата Херитиџ.

Фондацијата Херитиџ и институтот Като кој објави Извештај за економската слобода во светот оценуваат дека во Македонија најдобра е монетарната политика, а најлошо оценето е судството и заштита на сопственичките права. Експертите од Като го подготвиле извештајот за 152 држави во светот. Македонија со оценка од 7,02 се најде на 72-то место и заостанува за околу еден поен зад 10 најразвиени светски економии.

„На Македонија и оди подобро отколку пред девет години. Во 2005-та Македонија беше рангирана на 90-сетото место, а оваа година е на 72-то место. Македонија е пред Босна и Херцеговина, пред Русија, па дури и пред Италија. Ова се добри вести“, смета Далибор Рохач-експерт на институтот Като.

Хонг Конг и Сингапур се најдобро оценети во извештаите за економската слобода на Херитиџ и Като. САД се најдоа дури на 12-то место.

Од Институтот Като посочуваат дека податоците што се користени во овој извештај за економската слобода се од 2012-та година.

 

 

20.10.2014 - 11:15


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега