ИЗГЛАСАНО: Србија ги намали платите и пензиите
Парламентот во Србија, по 12 часовна дебата, изгласа ребаланс на буџетот и придружни закони со кои е предвидено намалување на платите во државниот сектор и на пензиите над 25.000 динари (1 евро = 119 динари).
Како што денеска објавиле српските печатени медиуми, 188 пратеници гасале „За“, додека „против“ биле - 10.
Намалувањето на платите и пензиите влегува во сила од 1 ноември.
Министерот за финансии Душан Вујовиќ за време на дебатата изјавил дека Србија не е под закана од банкрот или неликвидност и нагласил дека ребалансот на буџетот има за цел да се постават основите на реформите.
Во врска со ребалансот на буџетот, премиерот Александар Вучиќ изјавил дека Србија има макроекономска стабилност, а владата презела мерки за фискална консолидација заради подобра иднина бидејќи државата би банкротирала до почетокот на 2017 година.
Претседателот на парламентарната група на опозициската Демократска партија Борислав Стефановиќ предупредил дека одлуката за намалување на пензиите е спротивна на Уставот и поради тоа властите ќе треба да им враќаат на пензионерите на ист начин како што тоа било направено во 2001 година кога на власт беше Слободан Милошевиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа