Е-администрацијата ја билда конкурентноста на економијата

 

Ефикасна јавна администрација е еден од основните предуслови за добра бизнис – клима. Во изминатиов период, низа државни институции направија силен чекор напред кон подобрување на начинот на функционирање, намалување на непродуктивните трошоци, подигнување на квалитетот на услуги што им ги даваат на корисниците. Воведени се нови електронски решенија кои за граѓаните и бизнисот значат олеснет пристап до потребните информации, намалени трошоци, заштеда на време и пари, елиминирање на бирократските процедури, пишува Лидер.

Централен регистар – институција за пофалба

Центалниот регистар е една од институциите кои предничат во давањето е – услуги. Електронски потврди, онлајн годишни пријави, електронски стечаи и аукции, регистрација на залог и на лизинг преку компјутер – ова е само дел од палетата услуги кои Централниот регистар ги направи подостапни за граѓаните и компаниите.

-Проширувањето на палетата електронски услуги е еден од главните столбови на нашата работа во Централниот регистар, бидејќи на тој начин се овозможува значителна заштеда на време и средства, поврзани со добивањето на крајниот производ од услугата. Централниот регистар ќе продолжи да работи на поедноставување на постапките и на намалување на административните бариери за отпочнување и за водење бизнис, вели првиот човек на Регистарот, Андреа Поповски.

За да ги поттикне корисниците што почесто да ги користат електронските решенија, од ЦРМ најавуваат дека ќе ги намалат цените за оние, кои наместо да поднесуваат документи во хартиена форма, ќе се решат работата да ја завршат преку компјутер.

УЈП ќе го интегрира целиот систем!

Поднесување даночна пријава, е – аукции, преглед и плаќање на РДТ, регистрација на GPRS фискален апарат, издавање на уверенија – ова се работите кои лесно можете да ги завршите од дома, преку својот персонален компјутер, без притоа да доаѓате во Управата за јавни приходи. Последните податоци за годишните даночни пријави покажуваат дека сè повеќе граѓани се решаваат оваа обврска кон државата да ја комплетираат по електронски пат. Па така, оваа година над 1.000 граѓани се решија да пријават данок со еден клик на компјутерот.

Паралелно, даночниците остануваат сериозни во намерата да создадат ефикасно електронско решение кое ќе ја подобри бизнис – климата, ќе донесе низа поволности за граѓаните и компаниите, ќе им ја олесни работата на вработените во УЈП, но кое ќе донесе и бенефит за државата. Во наредните две години ќе се работи на интегрирање на целиот систем, проект што ќе донесе повисоки приходи во Буџетот и ќе овозможи брзи и точни информации за обврзниците, кои во иднина ќе имаат и единствен даночен број.

-Со имплементација на овој систем, само во првата година се очекува раст на приходите од еден до три проценти, имајќи ги предвид искуствата од другите земји кои веќе имаат направено ваков чекор, објаснува првиот човек на Управата, Горан Трајковски.

Системот ќе се операционализира по разработена стратегија од страна на Европската унија и треба да ја приближи земјава до европските стандарди.

-Системот што сега го користи УЈП е далеку од модерните европски системи. Македонија треба да ги следи најдобрите искуства во ЕУ и во својот систем да ги имплементира професионалните стандарди од ЕУ, смета лидерот на експертската група која работеше на системот, Анѓа Комшо.

Е – Катастар за помал метеж на шалтерите

Запишување договори за купопродажба на имот, запишување на новоизградени објекти, електронски начин на достава и регистрација на имот, дигитализација на катастарски планови, регистар на цени – ова се дел од адутите на Агенцијата за катастар во електронската трка со другите институции. Катастарот сега е електронски поврзан со сите нотари, општини, геодетски фирми и со извршителите.  Анализата на податоците покажува дека заклучно со август, ¼ од вкупниот број предмети што ги прима Агенцијата се испратени по електронски пат, со што значително се растерети метежот на шалтерите.

-Во иднина ќе се регистрираат сите цени од договорите за купопродажба и договорите за закуп на недвижности, а Регистарот ќе почне да се полни со податоци од 1 јануари 2015-та година, вели директорот на Катастарот, Славчо Трпевски.

Расте конкурентноста на домашната економија

Спроведените реформи ги препознаваат и светските рејтинг агенции и водечките финансиски институции, кои Македонија ја ставаат меѓу најдобрите реформатори во светот. Па така, на последната листа на најконкурентни економии, изработена од Светскиот економски форум, земјава забележа скок од 10 места и се најде на 63-та позиција од 144 држави. Скок од 15 позиции е регистриран во делот што се однесува на работата на институциите.

Македонија, според извештајот на Светска банка и ИФЦ, е и меѓу десетте економии каде најмногу се подобрило деловното и регулаторното опкружување, со што значително е олеснето водењето бизнис.

-Уште еднаш се докажа дека Р. Македонија е лидер во регионот и пошироко во подобрување на деловното опкружување, мерено за извештајот Дуинг Бизнис“ – рече директорката на СБ во Скопје, Татијана Проскурјакова.

Според премиерот Груевски, овие извештаи, заедно со тој на ММФ, Херитиџ, како и на Европската комисија за напредокот на земјава, се показател дека македонската економија е во добра кондиција.

-Овие оценки се резултат на спроведените реформи и на многу работа и труд. Ние ќе продолжиме со ова темпо на работа и со активностите на сите полиња, кои ќе значат подобрување на условите за водење бизнис, кои ќе донесат нови инвеститори, кои ќе овозможат раст на економијата, нови работни места и подобар животен стандард, вели Груевски.

28.10.2014 - 09:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега