Ставрески: Потврдата на кредитниот рејтинг од Стандард и Пурс добар сигнал за инвеститорите
Република Македонија доби потврда за стабилниот рејтинг од најреномираната кредитна агенција Стандард и Пурс.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ова е одлична вест бидејќи во услови кога во многу земји рејтинзите од страна на Стандард и Пурс се намалуваат, Република Македонија добива повеќе години по ред потврда за стабилниот рејтинг со позитивни изгледи за во иднина.
- Ова е индикатор и доказ за инвеститорите бидејќи инвестициските банки и инвеститорите во реалниот сектор ги следат сите овие рејтинзи и овие движења и за нив ова е потврда дека земјата се движи во вистинска насока, истакна Ставрески одговарајќи на новинарско прашање по врачувањето на првите решенија за отпис на долговите на граѓани од најранливи категории од Велес.
Стандард и Пурс го потврди кредитниот рејтинг на Македонија врз основа на високиот економски раст којшто го забележа и е проектирано да го забележи земјава. Годинава кредитната агенција го намали кредитниот рејтинг на Словенија, Хрватска, Турција, Русија и Србија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа