„Во скопско Ченто ме запре Полицјата на Илирида и ме легитимираше“

Скопјанец вчера пријавил дека бил запрен и легитимиран од патрола на паравојска, но полицијата откри дека тој го измислил целиот настан од само нему познати причини., јавува Вечер. Станува збор за К.С., кој ќе одговара по Законот за прекршоци.  Како што информираат од МВР, тој вчера околу 18 часот се јавил на бројот 192 и пријавил дека во населбата Ченто на последната постојка на автобуската линија "45" патот му го пресекол црн џип, од кој излегле две лица. Тие биле облечени во црни униформи на кои на албански пишувало "Полиција", а на ракавите "Илирида", носеле црвени беретки и биле вооружени со автоматски пушки. Наводно, тие му се претставиле како "полицајци од Илирида" и откако го легитимирале, заминале кон селото Арачиново. По неколкуте часа разговор со полициските инспектори тој признал дека лаже и дека го измислил настанот од негови лични причини.

Случајно или не, вчера низ јавноста се пренесе веста дека е формирана гарда на „Република Илирида", која, наводно, ќе почне да патролира во сите места населени со Албанци. Веста ја објави тетовски портал кој се повика на коминике кое пристигнало во нивната редакција, а било потпишано од "командантот" на гардата, "генерал" Хамби Ндрецај - командант "Пантер". Според коминикето, штабот на оваа наводна гарда ја информира јавноста дека ќе има полициско обезбедување во градовите што припаѓаат кон Илирида и дека нивите цели се создавање на републиката и казнување на сите кои ги продале интересите и каузата. - Целта на гардата ќе биде конфронтација со луѓето што ги продадоа албанските интереси. Согласно интересите на „Република Илирида", ќе дејствуваме се додека нашата платформа не влезе во Женевската конвенција. Припадниците на гардата ги молат луѓето што ќе ги сретнат да бидат мирољубиви, бидејќи тие немаат намера да прават лошо никому. Република Илирида е реалност и никој нема право да ја саботира - стои во соопштението.

 

Инаку „генералот" Хамби Ндрецај, алијас командант "Пантер" пред неколку месеци отворено го критикуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети и побара од него веднаш да ја напушти Владата, а сите Албанци да ја соблечат униформата на "фашизоидната славомакедонска војска и полиција". Тој се закани со повторување на конфликтот од 2001 година за конечно "ослободување на окупираните етнички територии" и ги повика бившите борци на УЧК да му се приклучат. Овој повик помина речиси незабележано. Според информациите на ВЕЧЕР, Ндрецај последниве неколку години живее на Косово, а во моментот се наоѓа во Урошевац 

02.11.2014 - 23:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега