Лидерска средба на Бихаќка
Лидерите на НСДП и на ЛДП, Тито Петковски и Андреј Жерновски, денеска треба да се сретнат со нивниот коалициски партнер, лидерот на СДСМ Зоран Заев за да утврдат стратегија за натамошното делување на опозицијата.
Средбата доаѓа по минатонеделните неофицијални информации дека дел од опозициските пратеници се изморени од бојкотот и бараат да се вратат во Собранието.
Според неофицијалните информации кои на Бихаќка не може да се потврдат, средбата на лидерите е закажана за точно на пладне. Потоа, од 13 часот најавена е средба на тројцата лидери и со пратениците кои добија мандат на последните избори.
На 10 ноември истекува рокот по кој собранискиот спикер Трајко Вељаноски може да побара да им се одземат мандатите затоа што не учествуваат во работата на законодавниот дом.
Жерновски вчера потврди дека има пратеници кои сериозно размислуваат да се вратат во собраниските клупи, бидејќи стравуваат од маргинализирање на улогата на опозицијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа