Богата програма за одбележување 70 години од ослободувањето на Скопје

Денот на ослободувањето на Скопје -13 Ноември годинава ќе биде одбележан со богата програма под мотото „70 години Скопје слободно чекори напред“.

Програмата за одбележувањето на 13 Ноември на денешната прес-конференција ја соопштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Музеј на град Скопје, Љубица Кондијанова и раководителот на Секторот за јавни дејности на Град Скопје, Тања Балаќ.

Градоначалникот Трајановски најави дека освен традиционалните настани коишто се одвиваат за 13 Ноември - крводарителска акција на Црвен крст, фестивалот „Златно славејче“, финални борби и доделување на Златниот гонг, „Пинг-понг градско првенство на средни училишта на Град Скопје“, Меѓународниот детски ликовен конкурс, манифестацијата Го градиме својот град, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“, Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, се организирани и голем број манифестации како дел од големото одбележување на овој значаен празник за граѓаните на Скопје. Централната свеченост ќе се одржи на денот на празникот во МНТ.

- Во рамки на свеченоста по повод  Денот на ослободувањето на Скопје во Македонскиот народен театар свечено ќе им бидат додели наградите  на добитниците на „13 Ноември“, а во нивна чест и по повод празникот на Скопје, ќе биде одржана музичко - сценска  изведба „Скопје слободно чекори напред, истакна Трајановски.

Тања Балаќ информираше дека за овој јубилеен и значаен историски датум за Градот Скопје,  подготвена е програма, која содржи над 80  настани, во која годинава се вклучија и општините во Градот Скопје, основните и средните училишта, детски градинки, културни установи, невладиниот сектор,  спортски федерации и клубови. Музичко-сценската изведба  „Скопје слободно чекори напред“ е во режија на Наташа Поплавска,  а во неа ќе учествуваат врвни балетски и  оперски уметници и актери од Македонија - припадници на повеќе етнички заедници кои живеат во Скопје. 

На 13 ноември  традиционално ќе бидат положени цвеќиња  пред Споменикот на ослободителите на град Скопје,  на платото  пред Владата на РМ и пред Споменикот на генерал Михалјо Апостолски на Градските гробишта во Бутел.

Освен овие активности годинава во програмата влегуваат и одбележување на повеќе  јубилеи и годишнини на средните училишта на Град Скопје,  како што се Никола Карев, Браќа Миладиновци, Васил Антевски-Дрен  и други пригодни сценско-музички програми во градинките и основните училишта, хуманитарни и еколошки акции и слично. 

Централната програма ќе се одржи во соработка со Музеј на град Скопје кој е реализатор на програма и Арт Медиа кои се автори на сценската изведба, логото, видеоспотот и веб-страната и севкупниот визуелен изглед на промотовниот материјал.

05.11.2014 - 17:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега