Скандинавија заинтересирана за македонските вина
Еден од најголемите добавувачи на вина во Шведска кој е одговорен за цела Скандинавија е заинтересиран за македонските вина, особено за вранецот.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шеќеровски денеска изјави дека пред два дена македонските вина веќе влегле на листата на овој добавувач.
- Веќе сме влезени на листата на продажба, посебно за виното „вранец“ и очекуваме нарачки кои ќе бидат наменети не само за купувачите од Шведска, туку и од цела Скандинавија. Ова го сметаме за позитивен сигнал и веруваме дека и останатите производители ќе го постигнат овој ефект, истакна Шеќеровски пред денешниот семинар на кој ќе бидат презентирани регулативите за извоз кон Шведска и потребите на скандинавскиот пазар.
Според шведскиот амбасадор Матс Страфансон, потенцијалот за соработка е голем, а македонските производи генерално имаат висок квалитет.
- Шведска е отворен пазар и импортираме многу храна. Македонските компании, особено малите, немаат големо искуство со нашите компании кои се географски одалечени. сепак, има голем потенцијал којшто треба да се искористи во иднина, рече Страфансон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа