Запленети две рибарски мрежи за незаконит риболов на Охридското Езеро

Две рибарски мрежи во должина од по 50 метри со улов од 13 парчиња риба белвица се одземени викендов при контрола што ја спроведе езерска патрола на полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“.

Според соопштението од СВР- Охрид, мрежите биле забележани на околу 50 метри од езерскиот брег во близина на „Парк“ по што поради немање жиг од државниот инспекторат за земјоделие, а по консултација со јавниот обвинител, истите се одземени.

Минатиот месец еден албански државјанин беше затекнат во незаконит риболов во водите на Охридското езеро наспроти населбата Трпејца со  четири парчиња риба охридска пастрмка со тежина од 2,5 килограми, 20 пластични шишиња со по шест блинкери и друга рибарска опрема, 1 метален чамец, 1 пента марка Џонсон, една пластична канта за бензин, клешти и друг риболовен алат. Против него поднесена е кривична пријава за незаконит риболов и му беше одредена мерка притвор.

Неодамна полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ на околу 20 метра од брегот наспроти угостителски објект на кеј „Македонија“ затекна малолетник во момент кога со недозволено средство за подводен риболов-подводна пушка врши незаконит риболов.

Во неколку акциски контрола во ноќните часови, полициските службеници кај малата плажа-вила „Билјана“ пронајдоа и одзедоа една рибарска мрежа со должина од околу 50 метри и димензии на окца 60-60мм со улов од осумнаесет парчиња риба-десет парчиња охридски крап со вкупна тежина од 9,5 килограми и осум парчиња клен со вкупна тежина од осум килограми.

Во слична акција, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ пронајде и одзеде 20 рибарски мрежи со вкупна должина над 1000 метри, близу 30 килограми парчиња разновидна риба и повеќе примероци на риболовен алат и прибор.

10.11.2014 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега