Три италијански компании сакаат да инвестираат во Македонија
Три италијански компании од земјоделскиот, индустрискиот и информатичкиот сектор се заинтересирани за инвестиции во Македонија, информира денеска амбасадорот на Италија во државава Ернесто Масимо Белели.
Според Белели, повеќе стопанственици се подготвени да инвестираат во земјоделскиот сектор во Македонија, кои би одгледувале земјоделски производи наменети за извоз. - Производи кои ни беа побарани за евентуално производство тука се секако доматите и лешниците и одредени производи за индустриски цели. Навистина се зборува за големи количини кои би можеле да отворат голем пазар, рече амбасадорот Белели на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Силна точка за соработка помеѓу двете држави, смета амбасадорот, се малите и средни претпријатија за чиј полесен пристап до финансии подготвуваат кредитна линија. Како слаба точка го наведе неприсуството на италијански банки во Македонија, а со комплетирање на Коридорот 8 ќе се зголеми соработката и размената.
Трговската размена помеѓу Македонија и Италија која во првите девет месеци од годинава изнесува 574 милиони долари има потенцијал да достигне 1,5 милиони долари, наведе Белели.
Наташа Димеска Стојановска од Стопанската комора на Македонија истакна дека поради лошата инфратсруктура на макеоднскиот дел на Коридорот 8 почеста дестинација за италијански инвестиции е Албанија. Сепак, нагласи, италијанските компании оценуваат дека претпримачката култура во Македонија е на доста високо ниво, условите што се нудат за инвестиции се исто така добри, но и поставеноста на домашните компании, што за нас претствува доста позитивен сигнал во 2015 година да имаме поинтензивни активности во интерес на двете економии.
Италија е петти надворешно трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена во првите девет месеци од 574 милиони долари е зголемена за 13 процент во однос на истиот период лани. Извозот е 250 милиони долари и бележи раст од 22,4 проценти, а увозот 334,5 милиони долари со раст од 6,80 проценти.
Најмногу инвестиции од Италија во Македонија се евидентирани лани, со износ од 67,20 милиони евра. Позначајни се инвестиците на компаниите „Текнохозе“ и на „Диатек“. На италијанскиот пазар претежно извезуваме јагнешко месо, овошје и зеленчук.
Размената и потенцијалите за нејзино зголемување ќе бидат анализирани утре на бизнис форум во Скопје, на кој е најавено учество на 15 компании од прехранбено-земјоделскиот сектор од Италија, како и гастрономска презентација на италијански производи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа